Тензиите меѓу Анкара и Москва се претворија  во криза откако Турција урна руски авион во близина на сириската граница. Русија испрати порака дека уривањето на авионот ќе има сериозни последици, пишува Deutsche Welle

Експертите кои ги консултираше  овој медиум се согласуваат дека двете земји се исправени пред историска криза и дека Анкара мора да усвои дипломатско однесување насочено кон решавање на кризата. Турското тврдењето дека рускиот авион бил десетпати предупреден пред да биде соборен не го намали рускиот гнев. Анкара тврди дека ги штитела своите граници и дека нема да прави отстапки при нарушување на нејзиниот воздушен простор.

-Постои историска криза во односите меѓу Турција и Русија. Турција мора да размисли како веднаш да ја реши кризата, или нема да има враќање назад, вели Хасан Али Карасар, експерт за Русија од Универзитетот Атилим.

-Доколку Турција не реагира искрено за отворените прашања, Русија сигурно ќе реагира далеку поостро, смета тој.

Според Серхат Еркмен од Институтот 21 век, Турција реагирала претерано со соборувањето на рускиот авион.

-Турција е чувствителна на проблемот со Туркмените. Русија беше свесна за ова. Постојаното руско нарушување на турскиот воздушен простор беше сфатено како намалување на влијанието на Турција. Турција сакаше да ја надмине оваа перцепција но реагираше претерано, вели Еркмен.

Економските аналитичари велат дека заострувањето на односите меѓу двете земји може да има тешки последици за турската економија.

-Турција увезува половина од јагленот кој и е потребен, а 31 процент доаѓаат од Русија. Турција увезува 55 проценти од вкупните количества природен гас и 16 проценти од нафтата, од Русија, вели енергетскиот експерт Нечдет Памир.

Според него бидејќи Турција гради нуклеарна централа со Русија, таа е зависна од Русија за својата енергија и благодарение на својата лоша политика во Сирија сега е доведена во ситуација да не знае како да излезе од кризата.

-Доколку Русија најавува остри последици за соборувањето на авионот, тогаш тие се можни. Русија може да ја прекине испораката на природен гас кога сака, вели Памир.

Дека Турција зазела непотребни активности  кон сириската криза смата и поранешниот амбасадор Фарук Логоглу

-Се обиде да го урне режимот и со тоа овозможи раст на кризата во регионот. Сите знаат дека Русија никогаш нема да дозволи да ги загуби своите позиции во Сирија и во источниот Медитеран. Турција не само што заглави во криза, туку сега е единствената земја на која и се заканува војна, вели Логоглу. Тој ја советува владата во Анкара да ги послуша советите од Западот и да стори да не дојде до ескалација на кризата со Русија.

OhridNews
Извор:„Deutsche Welle“