Еден од пилотите на соборениот руски авион е убиен со оган од земја а по другиот се трага соопшти руската армија, додавајќи дека податоците од радарските системи укажуваат дека рускиот „Су-24“ не го нарушил турскиот воздушен простор, додека сириската армија има податоци кои укажуваат дека турски борбени авиони во вторникот навлегле во нејзиниот воздушен простор, пренесува „Макфакс“.

Според тоа што авионот летал над сириска територија, пилотите се катапултирале над сириска територија, притоа еден од нив е убиен со оган отворен од земја, изјави началникот на оперативниот штаб генерал-полковникот Сергеј Рудској.

Сириските бунтовници од туркменските бригади, кои се сириски државјани а имаат турско етничко чувство и се поддржувани од Турција, тврдат дека ги убиле двајцата руски пилоти. На интернет поставено е видео на бунтовнички борци околу мртвото тело на рускиот пилот, кои извикуваат во слава на Алах и според преводот жалат што не го запалиле неговото тело. Неименуван турски владин извор за медиумите изјави дека двајцата пилоти можеби се живи и дека Анкара работи на нивно ослободување.

Руското министерство, исто така, во остро интонираното соопштение објави дека ги суспендира сите воени контакти со Турција, како и дека руските воени бродови со ракетни противвоздушни системи веќе се распоредени крај брегот на западната сириска покраина Латакија, како и дека отсега „ќе бидат уништени сите цели кои ќе бидат оценети како потенцијална опасност“ за руските сили.

Според руското министерство за одбрана, инцидентот се случил околу 8,24 часот по средноевропско време, кога над територијата над Сирија турски борбен авион „F-16“ го соборил рускиот ловец-бомбардер „Су-24“ кој извршувал задачи над сириската територија. Според првичната процена, рускиот авион е соборен со проектил „воздух-воздух“ со кус радиус со термичко самонаведување.

„Немало никаков обид од страна на турскиот авион да воспостави врска или визуелен контакт со нашиот екипаж, кое е регистрирано со средствата на објективна контрола“, се наведува во соопштението на руското министерство за одбрана.

Претходно Анкара соопшти дека турските авиони десет пати за пет минути го предупредувале екипажот на рускиот авион дека наводно се наоѓа во турскиот воздушен простор, што било игнорирано.

Портпаролот на Пентагон, Питер Кук, кој рече дека не очекува проблеми и измени во дејствувањето на коалицијата предводена од САД поради инцидентот со рускиот авион, изјави дека коалицијата пресретнала предупредување на турските пилоти до екипажот на рускиот авион, но не одговорил на која територија се случил инцидентот.

Претходно портпаролот на американскиот Стејт департмент, Марк Тонер, изјави на брифингот со новинарите дека САД немаа информации каде се наоѓал рускиот авион за време на нападот од турските авиони. Истакна дека САД „ја поддржуваат Турција како сојузник“ и оти Вашингтон сака „Турција и Русија да го одржат дијалогот и да не дозволат ескалација на ситуацијата“.

Москва тврди дека рускиот авион бил гаѓан над територијата на Сирија, на најмалку еден километар од воздушниот простор на Турција. Местото на падот на „Су24“ е четири километри во сириска територија.

Руската контрола регистрирала дека нејзиниот авион не ја минал границата на Сирија. Меѓутоа, според радарското разузнавање на сирискиот аеродром Хмејмим, кој го користат руските воздушни сили во Сирија, регистрирано е нарушување на сирискиот воздушен простор од страна на турските воздухопловни сили.

„Овој факт се смета за флагрантно кршење на меѓународното право со најтешки последици и директно кршење на Меморандумот за спречување на инцидентите и осигурување на безбедноста на летовите во Сирија, склучен со САД и кој се однесува на сите страни од коалицијата, вклучително и од Турција“, заклучува руското министерство за одбрана во чие соопштение се наведува дека ќе бидат засилени сите мерки за осигурување на безбедноста на руските авиони во сирискиот воздушен простор.

Сириските бунтовници собориле руски хеликоптер, Москва во Сирија носи С-300

Сириските сунитски бунтовници кои ги подржува Западот и Турција со ракета уништеле руски хеликоптер кој бил во спасувачка мисија во покраината Латакија, објави опозициската Сириска опсерваторија за човекови права (SOHR) со седиште во Лондон, а руското министерство за одбрана соопшти дека хеликоптерот бил погоден, а притоа загинал еден руски маринец поради што Русија ги групира силите во споменатата област и предупредува дека ќе уништи сé што ќе го смета за потенцијална закана.

Бунтовничката група која е вооружена со американски ракети „Tow“ тврди дека нејзините припадници во лет погодиле руски хеликоптер со противтенковска граната. На видео снимка објавена подоцна, чија автентичност не е потврдена, се гледа како друг бунтовник го разнесува хеликоптерот со уште една ракета.

SOHR, вели дека во хеликоптерот имало десет лица кои успеале да побегнат пред да биде разнесен.

Хеликоптерот од типот „Ми-8“, кој бил ангажиран во спасувачка мисија во Сирија бил погоден при што еден припадник на поморската пешадија е убиен, изјави началникот на операциите на рускиот Генералштаб, генерал-полковникот Сергеј Рудскиј. Тој потврдил дека леталото подоцна е уништено.

Во спасувачката операција на местото на приземјување на руските пилоти од претходно соборениот „Су-24“ учествувале два хеликоптера „Ми-8“

„Во текот на операцијата еден од хеликоптерите бил оштетен од оган од лесно оружје и извршил принудно слетување на неутрална територија. Еден поморски пешадинец загина“, изјавил Рудској.

„Во областа во која дејствува руската авијација се изведува операција на сириските владини војски за уништување на терористичките групи во коишто според нашите процени се концентрирани повеќе до 1.000 милитнати кои потекнуваат од Северен Кавказ“, посочил Рудској.

Според него ниедна од партнерите од земјите коишто учествуваат во борбата против Исламската држава не известил дека во споменатата област се активни сили на ткн „умерена опозиција“ и дека таа област не треба да се бомбардира. „Напротив, тие области на сите им се познати како територии под контрола на најрадикалните групи“, рекол рускиот генерал.

Според Рудској, рускиот Генералштаб презема дополнителни мерки да се осигури безбедноста на руската воздухопловна база. „Прво, сите активности на ударната авијација ќе бидат извршувани под закрила на борбени авиони. Второ, се преземаат мерки за зајакнување на противвоздушната одбрана. За таа цела крстосувачот ‘Мосвка’, засилен со системот ‘Форт’ (поморска варијанта на С-300), ќе заземе позиција крај брегот на Латакија“-најави Рудској.

Рудској притоа предупредил дека „сител цели, коишто претставуваат потенцијална опасност ќе бидат уништени“ и оти договорот за воени контакти со Турција ќе биде прекинат.

OhridNews
Извор:„Макфакс“