Московската телевизија Центар денес објави видеоснимка од убиството на поранешниот вицепремиер и опозициски политичар Борис Немцов, снимена од надзорна улична камера.
Снимката е многу матна, поради далечината, но укажува на тоа дека убиецот можеби ги чекал Борис Немцов токму на Големиот мост преку реката Москва недалеку од Кремљ. На снимката се гледаат Немцов и неговата партнерка како одат преку мостот. Во 23.31 часот по локално време се покриени од камерата од возило за расчистување на снег. Во следниот кадар се гледа маж, можен убиец, како се појавува зад возилото и влегува во автомобил од марката „лада приора“ кој го чека. Коментаторот на телевизијата вели дека не е возможно да се види на снимката како тој маж се нашол на мостот, со се верува дека го чекал Немцов на скалилата кои водат на мостот.
Осум куршуми се истрелани од пиштол од марката „макаров“, а четири го погодиле Немцов во грбот кој починал на самото место. Истрагата засега утврди со сигурност дека опозицискиот политичар кој во неделата требаше да предводи протест против економските мерки на руската влада во врска со западните санкции наметната поради наводната улога на Русија во украинската криза, вечерал со пријателката и пеш се упатиле кон неговиот стан.
Официјалниот претставник на руската Истражна комисија, чија истрага е координирана и со министерството за внатрешни работи и со Федералната служба за безбедност (ФСБ), Владимир Маркин, изјави дека организаторите и извршителите на убиството на Немцов добро ја знаеле рутата на движењето на политичарот и според тоа се чини дека убиството било внимателно планирано. Истрагата во моментов разгледува пет варијанти за можните мотиви за ликвидацијата, а според Маркин и во неделата не се исклучува можноста од политички атентат врз опозицискиот политичар чија цел е дестабилизација на политичката ситуација во Русија.
Маркин истакна дека постојат извештаи кои откриваат дека Борис Немцов примал закани поради своите ставови за масакрот од почетокот на јануари во редакцијата на францускиот сатиричен магазин Чарли Хебдо кој го извршија исламски радикали поради објавувањето на карикатури на пророкот Мухамед, а се истражува и можната врска на убиството со неговите ставови во врска со војната во Украина, којашто беше спротивна од онаа на официјална Москва.
Вчера украинскиот претседател Петро Порошенко изјави дека Немцов е убиен поради тоа што наводно планирал да објави докази за наводната руска вмешаност во војната во Украина, но тоа не е потврдено од најблиските соработници од руската опозициска партија РПР Парнас, чиј соосновач беше Немцов.
Немцов беше застрелан во центарот на Москва во петокот вечерта. Тој бил убиен со неколку истрели во грб.
OhridNews
извор Макфакс