Еден морнар кој учествувал во чистење на плажа на Хаваите пронашол порака во шише која пред повеќе од пет години во морето ја пуштило едно девојче во Јапонија. Морнарот Џон Мур наишол на стакленото шише во воениот полигон на островот Кауај. Во шишето била пораката од Саки Арикава, четири оригами цвета и фотографија од нејзиниот клас на училиште.
Пораката била испратена на 25 март 2006 година и во неа се наведува дека станува збор за спомен на завршувањето на основното училиште. Американската морнарица соопштила дека Мур бил еден од доброволците кои го чистеле ѓубрето од плажите во Кауај во рамките на меѓународниот ден на чистењето на крајбрежјата.