Британецот виновен за фаталната несреќа на Гамбол 3.000 релито, во која погина брачен пар од Струга, е под истрага во својата земја поради сомнението дека користел лажни регистарски таблици за да избегне пресуди за други сообраќајни прекршоци.

Полицијата во Манчестер го истражува 29-годишниот Ник Морли, под обвинение дека спречувал спроведување на судска правда. Тој бил уапсен во ноември 2006-та година, но бил ослободен со кауција, која не успеал да ја плати бидејќи закажаниот датум се совпаднал со неговото судење во Македонија.

”Обвинетиот го пропушти првичниот датум за положување кауција, бидејќи беше надвор од својата земја. Од тогаш, полицијата е во постојан контакт со неговите адвокати со кои му закажа нова средба за 3 јули”, изјавил портпаролот на полицијата во Манчестер. 

Годинашното Гамбол рели беше прекинато откако Морли директно се судри со автомобилот на Владимир и Маргарита Чепуњоски, кои починаа од последиците на несреќата. Македонскиот суд го осуди обвинетиот на 2-годишна условна казна.

М. Постоловски