Мороконе кој од вчера престојува во Охрид е воодушевен од природните убавини на градот. „Избегнувам да давам премногу комплименти, но ова е еден посебен град, посебно место и тоа сакам да го нагласам во оваа прилика“, рече Мориконе. Тој кажа дека заедно со неговата сопруга уживале во македонската кујна и локалните специјалитети што имал можност да ги проба, како јагнешкото, рибата, салатите, јогуртот…
Големиот композитор го поздрави министерката за култура Елизабета Канчевска – Милевска, а во знак на сеќавање на неговото гостување во Охрид директорот на Фестивалот Тони Симоновски на Мориконе му врачи охридска резба со ликот на Патронот на градот – Свети Климент Охридски.
Фестивалот Охридско лето ќе биде отворен вечерва со музичкиот спектакл „Беше еднаш во Македонија“, во чии рамки унгарската филхармонија „Гјер“ ќе изведе петнаесетина теми од познати филмови за кои музика компонирал оскаровецот Мориконе.