Викендов Охрид ќе биде во центарот на вниманието не само во домашната јавност. Причина е свеченото отворање на најзначајната културна манифестација во земјјата, фестивалот „Охридско лето“. Причина повеќе пак е гостувањето на светски познатиот композитор Енио Мореконе, кој ќе диригира со спектаклот „Беше еднаш во Македонија“ кој ќе го означи почетокот на овогодинешниот фестивал.

Мориконе денеска ќе пристигне во Охрид. Тој ќе биде сместен во претседателскиот апартман во х. „Метропол“. Него ќе го придружува сопругата и 10-члена делегација. Оскаровецот Мориконе не поставувал посебни услови околу престојот во Охрид. Инсистирал само на мени да има традиционални македонски јадења. Ќе ги разгледа и културно историските знаменитости во Охрид и Свети Наум, а ќе се вози во ауди, што го обезбеди спонзорот „Порше – Македонија“ . Енио Мориконе денеска ќе биде примен од претседателот на државата Ѓорѓе Иванов, кој е покровител на фестивалот.

Покрај Мориконе, Иванов викендов во Охрид ќе ги угости и неговите колеги од Косово и Албанија, Фатмир Сејдиу и Бамир Топи, а најавено е присуство на свеченото отворање на Охридско лето на уште неколку шефови на држави. Поради тоа викендов во Охрид на сила ќе биде посебен режим на сообраќај.

Мерките за сообраќајно обезбедување ќе започнат денеска со отстранување на неправилно паркираните патнички и други моторни возила, како и на оставените предмети од сообраќајните површини особено  на Булеварот „Туристичка“ во насока кон хотелските комплекси, спрема стариот дел на градот и кон централното градско подрачје. На овој потег, нема да биде дозволено запирање и паркирање на секаков вид возила.

СВР Охрид апелира до граѓаните викендов возилата да ги користат во крајна нужност.

Ohridnews