Ова беше истакнато на првата конференција на туристичките водичи на Македонија, што се одржува во Струга, на која учествуваат туристички водичи, придружници на водичи, водичи на планина, спелеолошки водичи и подводни водичи.
– Наша интенција е апсолутно прекинување на појавите на работа на нелиценцирани водичи, преку активна туристичка инспекција. Нацрт-програмата за туристичка инспекција е изготвена и се надеваме дека наскоро таквата контрола ќе биде вопоставена, пред почетокот на идната туристичка сезона, истакна претседателот на Здружението на водичи на Македонија, Бранко Босилков.
Тој признава дека разрешувањето на проблемот со нелиценцираните туристички водичи е заглавен во бирократските лавиринти, но изрази надеж дека со негово поголемо актуелизирање во медиумите, државата и локалните самоуправи ќе ја сфатат потребата од средување на состојбите во оваа област.
Македонија ќе биде обврзана да ги подобри состојбите со туристичките водичи и со новите европски директиви според кои за добивање лиценца ќе биде потребно многу поголемо теоретско знаење и практично искуство, отколку што тоа е случај сега кога до уверение за туристички водич се стигнува со полагање стручен испит кој е сублимат од повеќе предмети од областа на туризмот.