Фестивалот Охридско лето е самиот град Охрид, духовниот центар на македонците, кој транс-мигрира во светска културна престолнина. Не постои релевантен уметник денес во земјава или во светот кој не соработувал со Фестивалот Охридско лето. Фестивалот со својата енергија и настапите на најголемите европски и светски уметници, ја афирмираше не само светската туку и домашната сцена. Кога некој ќе ја прочита историјата на Фестивалот Охридско лето, ќе види дека тој е едно културно јадро, културен обединувачки симбол на нашето општество и уникатен цивилизациски предизвик за сите љубители на уметноста.
Изминативе 60 години уметници од сите континенти, од повеќе од 150 земји во светот, беа гости на Фестивалот Охридско лето: Кина, Индија, Јапонија, уметници и ансамбли од Русија, средна и западна Европа, најголемите уметници од нордиските земји, уметници од поранешните југословенски простори итн.
Охридско лето не е типичен фестивал на културата и не подлежи на законите на чаршијата. Сакам луѓето да доаѓаат во Охрид, многу. Ја сакам помислата дека градот е отворен. Охрид е мојот град пред сè, и најважно, јас сум роден во овој град. Исто како што некој ги сака Париз, Лондон, Њујорк, така и јас го сакам и го бранам својот град. Сите се добредојдени во Охрид, охриѓани се добри домаќини, Охрид е добар домаќин. Охрид е отворен град, има своја мистична сила. Ние мора да се ослободиме од чувството на провинција. Треба да го обединиме градот и да станеме уште поотворени.
Бидејќи уметноста за духот е она што е лебот за телото: неопходност без која не може да се обновиш себеси.
Зоран Велјаноски – Летра
Ставовите објавени во рубриката Писма-Колумни се гледиште на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите