Ова е значајно дело во кое секоја страница е документ и сведок за историјата и семејната лоза на елшанци :од памтивек до денес. Пред читателите е уште едно книжевно, но прво вакво класично монографско прикажување за Елшани, кое содржи неколку поглавја во кои авторот се осврнува на усни и пишани сведоштва поткрепени од стотина роднокрајни информатори за природно-географската положба, за постанокот на Елшани, за Елшани низ историјата, за демографските движења на елшанци,за печалбарството ,занаетчиството и особено за семејните лози на елшанци,односно за родовите и родовските генетски гранки и елшански семејни стебла.
Читателите ќе можат во оваа книга да пронајдат многу ретки и стари слики и фотографии од семејните албуми ,а со кои ќе се присетат на своите предци, на својата историја, на своето старо огниште. Монографијата содржи и одбрани записи и искажувања за црквата “Свети Пророк Илија”, за елшанските слави и празници,за елшанските борци и комити; за елшанските занаетчии и гурбетчии и за доселувањата и преселувањата од и во Елшани; како и за денешните убавини и за перспективите на Елшани. Посебно значаен и важен дел од монографијата е Родословот во кој се спомнати сите елшанци до седмо колено со сите нивни поколенија.
Монографијата е испечатена во тираж од 500 примероци, од кои на македонски се отпечатени 400 , а на англиски 100 примероци.