Успешните животни приказни и спомените на учениците и професорите, професионалните достигнувања и освоените награди, кои во текот на изминатите 50 години биле дел од растежот на Основното музичко училиште „Методи Патче“ од Охрид се поместени во Монографијата која беше промовирана денеска, по повод златниот јубилеј на оваа образовна институција.
Во публикацијата, која има за цел да прераскаже голем дел од историјата на музичката култура во Охрид, се содржани и низа историски записи и документи како и фотографии од училишната архива. Автори на оваа дело се директорката на училиштето Нина Момировска и новинарот и публицист Милчо Јованоски. Промоцијата на книгата ја направи професор Радмила Поповска која со многу емоции раскажуваше за работењето на ова училиште од неговото формирање до денес.
Милчо Јованоски во својот говор пред присутните рече дека му било голема чест да биде дел од подготовката на ова дело, кое според него е своевидна книга со спомени.
-Ние се обидовме да ја внесеме историјата на училиштето во една книга создадена од сеќавања. Се надевам дека успевме во тоа. Некој друг, по нас во догледно време сигурно ќе продолжи со истражувањата и ќе го бележи равојот на Музичкото училиште, а некои други деца и професори ќе пишуваат за неговата славна историја во иднина, истакна Јованоски.
Директорката Нина Момироска се осврна на историските детали за училиштето, а зборуваше и за успесите на неговите ученици, кои во текот на изминатите 50 години биле гордост за Охрид.
-Конитинуирано од 1978 година па до денес нашите ученици учествуваат, на републичките натпревари и на меѓународните конкурси и фестивали освојувајќи вредни награди и признанија. Бројката е импозантна, а најполоден е периодот од 2007 до 2015 година. Нашите ученици освоија 106 награди на државните, 35 награди на меѓународните натпревари и 11 специјални награди на домашна и меѓународна сцена. Преку настапите на нашето училиште, за Охрид и Македонија се слушна во Рим, Париз, Софија, Ваљево, Стара Загора и многу други места, рече Момироска.
Таа нагласи дека ОМУ „Методи Патче“ го осмислува проектот за скоро прераснување на училиштето во Средно музичко училиште, кое ќе отвори нови светови за идните ученици кои се вљубеници во музиката.
Во рамки на промоцијата на моногафијата беа присутни и поранешните директори на училиштето Наум Гаврилоски, Димче Орачев и Петар Димески како и голем број пензионирани професори и поранешни ученици од училиштето кои денес имаат успешни музички или педагошки кариери. Промоцијата беше збогатена и со впечатливи музички настапи на дел од учениците од класите по пијано и виолина.
Е.М