Уникатни сликарски дела и поезија кои се создавани во текот на 25-годинишен творечки живот, се собрани во Монографијата за ликовниот уметник и поет Драган Спасески-Охридски, која беше промовирана вчеравечер во Галеријата „Резонанса“ во Охрид.

Оваа репрезентативна книга го носи насловот на едно од најпознатите сликарски дела на Спасески „Охридска Мадона“ и е во издание на Книгоиздавателството „Матица Македонска“. Автор на монографијата е Дејан Ѓориќ, реномиран историчар на уметност од Србија, а како рецензенти се потпишуваат Антонела Петковска и Венко Андоновски. Издавањето на ова дело е помогнато од Министерството за култура на Република Македонија.

-Уметноста ја добива своја вредност во оној миг кога ќе биде видена, слушната, допрена, вкусена кога ќе се надразнат сетилата. Уметноста добива повисок степен на својата духовност во оној миг кога ќе биде препознаена и кога ќе биде доживеана, истакна во својот говор пред присутните Спасески-Охридски.

Промотор на монографија беше Зорица Лајпур – Богданоски, чиј промотивен текст го прочита нејзиниот сопруг, драматургот Русомир Богданоски.

-Метафорично кажано книгата е прекрасно скроен костум за во него да се облече долгогодишното уметничко искуство на авторот, кому тежнеењето кон совршенство му е духовен императив, содржан во неговите слики и поетски творби. Систематизацијата на податоците, како на везуелниот материјал па така и на текстуалните содржини бара посебно претставување на поединечните сегменти кои се имплементирани во самата монографија, прочита меѓудругото Богданоски.

Покрај уметничките дела на Спасески, во монографијата се поместени и низа стручни критики кои се посветени на неговото сликарско творештво.

-Спасески Охридски е од оние македонски сликари што на темелите на сопствената богата култура и професионално знаење, а без надворешен налог, како лична определба и често, наспроти тековната ликовна коњуктура, во наше време, собразени со неговите епохални одлики, вршат своевидна лична „обнова“ и „претолкување“ на изминатите стилови. Тие што кај нас од историски причини не се случиле. Спасески-Охридски е лично пленет од тие модели на „туѓо“ минато, но воедно со ликовното ниво на сопствените творби ја „дополнува“ и „дообликува“ духовната историја и „зреењето“ на македонската култура, пишува меѓудругото Борис Петковски во Прологот кој е поместен на почетокот на монографијата.

Македонскиот поет и критичар, Кристина Николовска во текстот „Поетската светлина на Охридски“ исто така пишува за неговите уметнички квалитети во делот на неговиот поетски опус.

-Поетската светлина на Охридски е срасната со повеќе уметности. Уметничката плетенка на Охридски е повеќеслојна. Затоа поезијата ќе ја сретнеме во нејзиниот природен контекст од неколку уметности. Кај раскошниот повеќестран уметник Охридски мултимедијата е вистински совршено хармонизирана полифонија, која подеднакво си ги сака своите чеда сликата, речта, поезијата, формата и нивната заемна љубов, пишува меѓудругото Николовска.

Во рамки на промоцијата на монографијата, присутните гости имаа можност да разгледаат и изложба од највпечатливите сликарски дела на Спасески-Охридски кои се создавани во текот на изминатите 25 години.

 

Е.М