Една монографија за фамилијата Карадимчевци, што Ахил Тунте ја нашол, ме поттикна да напишам текст за Карадимчевци и уште три охридски фамилии со кои што сум во крвно сродство – Узунчевци, Чорбевци и Мишевци. Ахил Тунте прави детален опис на фотографијата и времето во кое што е направена, и дава сентиментални оценки за потомството од четирите генрации што се претставени на фотографијата. Мојот текст трага од најстарите членови од фамилиите, за кои што сум чула, а анализите на потомствата го изразуваат она што јас самата го знам. Тоа не се ни монографии, ни родослови, туку податоци зачинети со сеќавања. Вака ја започнува својата книга „Мојте охридски фамилии“, напишана на охридски, Олга Мишеска Томиќ, родена охриѓанка длабоко вљубена во својот град.
Мишеска Томиќ во својата монографија за која ќе рече ја пишувала десетина години, се навраќа на времето во кое живееле четирите фамилии на кои е посветена книгата. Податоците ги собирала како од раскажувањата на нејзината мајка, така и од разговорите со многу охриѓани, но и од достапната литература за периодот за кој пишува.
Низ страниците на монографијата „Мојте охридски фамилии“
Во разговор за Охридњуз таа вели дека книгата посебно не е посветена никому. Монографијата е сеќавање на својата фамилија, корените, поврзаноста на фамилиите…
Работев на оваа книга околу десетина година и добивав разни податоци од многу охриѓани и ги прочитав сите книги што беа поврзани. Опишувањето на секоја фамилија почнува од најстариот познат член. Наведени се имињата на сите потомци, а се опишани и некои случки кои ми се познати. Почнувам од баба ми која е родена Карадимчева и од нејзините спомени, но и нејзините кажувања. Затоа и прво говорам во книгата за Узунчевци, бидејќи мајката на баба ми била од Узунчевци. Роднини сме со наследниците и од Прличевци и Узунчевци, посочува нашата соговорничка.
Мишеска Томиќ смета дека книгата која се уште официјално не е промовирана, ќе си го најде своето место и ќе биде од големо значење во библиографијата во Охрид. Монографијата „Мојте охридски фамилии“, како и книгите на кои работела последната година, за кои вели дека се повеќе отколку што мислела дека ќе напише, откриваат нови моменти од историјата на Охрид, но и на Македонија. Дел, како што посочи, се од големо научно значење.
Ја напишав книгата „Охридскиот говор во 16 век“. Мој колега лингвист што работи во Франција нашол во една антикварница во Париз книга напишана од еден француски и еден италијански новинар каде имало на македонски јазик натпис на маргините на еден грчки ракопис и истиот бил проучен од италијанскиот новинар и во 1958 година ја публикувале книгата „Македонски јазик во 16 век“. Големо за нас е ова откритие и значајно што тогаш пишувале за јазик кој го нарекле македонски. Тоа ме поттикна да напишам една голема статија за македонскиот јазик од 16 век, во споредба со современиот македонски јазик, во мај 2023 година во списанието Balkanistica, кое излегува во северно-американската држава Мисисипи. Ми беше мило тоа да го напишам и во септември минатата година имаше програма на македонски јазик каде ме викнаа да се претставам, но една колешка во мое име го прочита тоа што јас го напишав, вели Мишеска Томиќ.
Олга Мишеска Томиќ е вљубеник во Охрид. Со децении го следи развојот на градот кој, како што вели се менува и се повеќе и недостига Охрид кој бил некогаш.
Стариот град е сочуван и новите куќи што ги градат добро ги градат и таму е убаво да поминеш. Ама во новиот град многу големи згради има направено. Паметам овде кај што се сега разните продавници и игралници имаше корзо и се шетавме низ чаршијата. Често во периодот додека бевме под бугарска окупација одев по млеко на крајот на улицата каде се продаваше млеко. Од зад куќата имавме голема бавча и баба ми правеше слатко. Моите заминале за Белград откако сум се родила. Татко ми бил многу добар ученик и добил стипендија од Српската влада во првата Геодетска школа во Белград, каде завршил па работел како директор. Потоа дошол по мајка ми во Охрид. Целата оваа улица ми буди големи спомени.
Дали и понатаму ќе продолжи да пишува книги е неизвесно, но со гордост ги посочува книгите кои веќе ги има издадено.
Имам напишано книга за македонскиот јазик пред 7-8 години на англиски која ја има во Скопје ама ја читаат и странци. Имам напишано и книга за Балканските јазици бидејќи од 1999 година до 2006 година работев во Лајден, каде предавав англиска граматика и општа лингвистика и имаше една група која се бавеше со малку употребувани јазици, како балканските, кои ги проучив и напишав книга во која зборувам за разните делови на реченицата кои се еднакви во тие јазици, а е објавена пред 15 години.
Инаку, Олга Мишеска Томиќ е родена во Охрид. Основно и средно образование завршува во Скопје, а високо во Белград. Магистрирала на катедрата за англиски јазик и литература при Филолошкиот факултет во Белград, а докторирала на Катедрата за англиски јазик и литература при Филолошкиот факултет во Скопје. Предавала англиски граматика и општа лингвистика на универзитетите во Скопје, Нови Сад и Лајден, Холандија.
Има напишано преку 200 статии, седум зборници, девет универзитетски учебници и четири посебни книги, меѓи кои и веќе споменатите Македонска граматика и Морфо-синтаксичките особености на балканските јазици.
Г.М./Н.С.Ј.
Фото/видео: А. Момироска