Иако еден од првите текстови на познатиот македонски драматург Благоја Ристески- Платнар напишана осумдесетите години од минатиот век, траги –комедијата „ Делириум Тременс“ , тогаш не ја дочека својата премиера на сцените, веројатно поради непопуларноста на монодрамата како жанр во тоа време, синоќа беше изведена пред Охриѓани и пошироката публика во изведба на Театарската работилница од Прилеп.
Режисерот Игор Трпчески ја нагласи нераскинливата врска на театарот и воопшто уметноста со животот, кој, како што истакна и самиот е сцена.
– Живееме во време кога религијата стана бизнис, а се повеќе сме духовно сиромашни и се помалку внимание посветуваме на духовноста. Главната порака на оваа драма е што едни го посветуваат животот на уметноста, едни на бизнисот и меѓу нив не може да има разбирање. За едни се идеите најважни, за други парите. Од тука произлегува неразбирањето на актерите и уметноста од една страна, која живее од идеите и бизнисот од друга страна, кој цели кон парите. Според мене, можеби звучи утопистички, би живееле најдобро кога и уметноста и бизнисот ќе имаат иста цел, една духовна вистина, а не фокусот да биде на парите. – рече Трпчески.
На самиот почеток на драмата, авторот го загатнува „театарот во театар“, така што јунакот е претставен како сценски работник кој случајно е на сцената и ни соопштува дека нема да има претстава затоа што актерот кој треба да ја одигра претставата е во болница поради Delirium tremens или медицински назив за алхохолно труење. Тој инвентивен пристап или театарот во театар поставува директен контакт и однос со публиката што ја прави претставата интерактивна, а публиката соучесник во се што се случува на сцена.
„Вие сте уште тука? Неверојатно.. Повеќе од половина час седите тука и чекате да почне претставата… Мислам дека тоа е наполно неочекувано однесување за нормална публика како што сте вие. Несфатливо .. зарем никој не ви кажа дека претставата е одложена? “ – Токму со оваа реплика започна претставата која ги заинтригира присутните и го задржа нивното внимание во целост до самиот крај.
Оваа претстава поттикна силен емотивен набој и бранувања на расположението на присутните кои уживаа во духовитоста и рок приказната. Како музичка позадина се земени теми од Том Вејтс, Боб Дилан и рок групата „Queen“.
Текстот почнува како класична комедија која во својот развој преминува низ повеќе фази: апсурд, фарса, музички театар, драма , а стигнува до епски театар, психо-драма и анти-драма или анти –театар.
Претставата завршува со репликата: „Сиромашни и слепи се повеќе ги има, а никој во општеството не презема одговорност за тоа“, што според режисерот Трпчески е идеална слика за времето во кое живееме и алудира на духовната сиромаштија како состојба на духот.
Суштината на претставата „Делириум тременс“ е дека уметноста има потенцијал да придонесе за пробудување на свеста и отрезнување од пијанството кое го тресе светот, опијанетост од грижи, сомнежи, стравови, болка, преокупации, проблеми, немир, турбуленции, тегобност, апсурд…. бидејќи само преку духовноста можеме да ја смениме сликата за реалноста во која живееме.
Ивана Чичоска