Екипа на италијанската фирма „Мондо“, изведувачот на атлетската патека во Охрид, ќе пристигне на почетокот на април во Охрид кога ќе почне последната фаза од средувањето на новата тартан-патека, нејзиното обележување. Поради лошите временски услови, при поставувањето на тартанот во декември, обележувањето беше оставено за пролетниот дел
Со исцртувањето на тартанот ќе заврши проектот вреден околу 500 илјади евра, кој е реализиран во соработка на Интернационалната атлетска федерација (ИИАФ), Европскиот олимписки комитет (ЕОК), Атлетската федерација на Македонија (АФМ), Македонскиот олимписки комитет (МОК) и Агенцијата за млади и за спорт (АМС).
–
Првично беше договорено облежувањето да биде во март, но бидејќи времето беше врнежливо, во договор со луѓето од „Мондо“ презакажавме за април – вели Иван Цветкоски член на ИО на АФМ.
По обележувањето на патеката, просторот околу неа на стадионот ќе биде хортикултурно средуван.
– Убедени сме дека за хортикултурното уредување ќе добиеме поддршка и помош од локалните институции со што би можеле заедно да го заокружиме овој проект, проект со кој Охрид ќе почне да ја испишува модерната атлетска историја – вели Цветкоски.
Сите работи се очекува да бидат завршени пред посетата на Македонија, на претседателот на ЕАА, Швајцарецот Хансјорг Вирц.
По повод отворањето на атлетската патека, прва по 40 години во Македонија, на 19 мај во Охрид ќе се одржи првиот меѓународен атлетски митинг. Промотор на митингот е потпретседателот на Светската атлетска асоцијација Украинецот Сергеј Бубка, со што Охрид и Македонија дефинитивно влегуваат на светската атлетска мапа.
М.П.
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com