Марко Пеце, уметник од Италија, се посветил на изработка на репродукции од најголемите сликарски ремек дела од лего коцки, кои веќе три години ги објавува на интернет.
Овој поранешен банкарски службеник го напуштил работното место за да може во потполност да се посвети на својата уметност. Во тоа е многу успешен, за што сведочи и фактот дека за кусо време станал вистинска ѕвезда на интернет.
Повеќе десетици илјади луѓе од цел свет ги имаат видено неговите модерни интерпретации на класични дела како што се Тајната вечера и Мона Лиза од Леонардо да Винчи.
„Сакав да ја искомбинирам љубовта кон уметноста со една нова модерна техника на изразување“ – објаснува Пеце.
„Моите репродукции се изработени со голема грижа за детали, иако користам лего коцки. Секоја фаза ја фотографирам и потоа компјутерски ја комбинирам со останатите“ – вели авторот на овој нов начин на сликање.
Пеце ги изложува своите дела на популарниот сајт за размена на фотографии „Flickr“, и тоа со псевдонимот „Udronotto“.
Тој објаснува дека вообичаено му се потребни 9 дена за изработка на едно дело.