Министерството за образование и наука информира дека завршуваат реконструктивните активности во 55 училишни објекти кои се дел од акцискиот план за унапредување на условите за следење настава и за работа за оваа календарска година.
МОН во соопштение наведува дека се инвестираат над 4,5 милиони евра обезбедени во буџетот на Министерството преку одделението за капитални инвестиции, проектната единица за изградба на 145 спортски сали и реконструкција на училишни објекти и проектната единица за унапредување на основното образование.
Во 40 училишни објекти во повеќе општини во државата се изведуваат градежни активности за подобрување на енергетската ефинасност, унапредување санитетско-хигиенските услови и пристапноста за учениците и лицата со попреченост. За оваа намена, финансиска поддршка е обезбедена од Светската банка која го финансира спроведувањето на Проектот за унапредување на основното образование. Во 15 други училишта, пак, преку Одделението за капитални инвестции во МОН и проектот за изградба на спортски сали и рехабилитација на училишни објекти се врши поставување на нова или санација на постојната покривна конструкција, реконструкција на фасада, обнова на кабинетски простории, замена на столарија и слично. Се работи за проекти со кои локалните самоуправи аплицирале на повиците на министерството за обезбедување поддршка и тие се прифатени како приоритетни за реализација, соопшти МОН.
Заложбите за унапредување на образовната инфраструктура се интензивираат, а тоа се огледува преку буџетот наменет за капитални инвестиции, додава МОН, кој од година во година постојано се зголемува и има висок процент на реализација.
За потсетување, минатата 2022 година беше обезбеден буџет од над 16 милиони евра за оваа намена и истиот е реализиран над 94 проценти. Подобрувањето на инфраструктурните услови, заедно со замената на наставните програми и набавката на нови учебници, како и подигнувањето на мотивацијата на наставнциите за работа преку повисоки лични примања и можности за професионален и кариерен развој, се дел од поголема стратегија на МОН за унапредување на квалитетот на основното и средното образование, усвоена преку широка јавна дебата и со согласност од сите засегнати чинители, наведува Министерството за образование и наука.
OhridNews