На 31 август, вторник, истекува рокот за аплицирање за субвенциониран студентски оброк наменет за сите редовни студенти на државните и приватните универзитети во државата. Според проценките на Министерството за образование и наука, се очекува ова право да го искористат околу 40.000 студенти. До сега се пријавени 15.627.
Тековните студенти, денеска и утре да го завршат пријавувањето, за да може првата уплата во износ од 2.400 денари, да ја добијат на почетокот на октомври годинава. Следниот рок за аплицирање за оваа субвенција е од 1 до 31 октомври 2021 година, за студентите од новата академска година и оние кои не го запишале летниот семестар, апелира МОН.
Начинот на аплицирање е дигитализиран. Пријавувањето се спроведува електронски преку порталот www.e-uslugi.mon.gov.mk и многу едноставно, со прикачување на само два документи – пријава и изјава за точност на податоци и се наведуваат податоци за лична трансакциска сметка.
МОН потсетува дека субвенционираниот студентски оброк е системско решение уредено со закон, со кое на младите значително им се олеснува животот за време на студирањето односно добиваат по 2.400 денари девет месеци во годината, средства наменети за купување здрави оброци.
OhridNews