Министерството за образование и наука информира дека од утре повторно може да се аплицира на Јавниот повик за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк. Вториот рок трае до 31 октомври и однесува на сите новозапишани студенти, но и на оние кои ги исполнуваат условите но не успеале да се пријават и да го остварат ова право во првиот рок.

Пријавувањето за субвенциониран студентски оброк е дигитализирано, односно се спроведува исклучиво електронски преку порталот https://e-uslugi.mon.gov.mk/

Во рамки на првиот рок пристигнаа вкупно 21.693 апликации, додека правото на  субвенциониран студентски оброк го остварија вкупно 18.149 студенти. Дополнително, во фаза на разгледување се сите пристигнати приговори, а подносителите за конечната одлука ќе бидат известени во текот на следната работна недела. Субвенционираниот студентски оброк е системско решение уредено со закон, со кое на младите значително им се олеснува животот за време на студирањето односно добиваат по 2.400 денари 9 месеци во годината, средства наменети за купување здрави оброци, информираат од МОН.

Право на оваа финансиска поддршка имаат сите редовни студенти запишани на додипломски студии на државни и приватни високообразовни установи кои се државјани на РСМ и кои не се во редовен работен однос, не се регистрирани како индивидуални земјоделци и немаат месечен приход по кој било основ поголем од минималната нето-плата во тековната година.

 

OhridNews