Министерството за образование и наука ги демантира информациите дека на иницијатива на Министерството за Владата ќе се зголеми двојно партиципацијата за студирање на државните високоообразовни установи на сите три циклуси на студии.
Се работи за невистинита информација и затоа апелираме студентите да бидат спокојни, бидејќи и натаму ќе ги плаќаат истите износи за државната и за квотата со кофинансирање кои важат во моментов. Во комуникација со Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, добивме информација дека ректоратот побарал мислење од факултетите и единиците во состав, за тоа дали износите кои во моментов се плаќаат се оправдани или можеби треба да претрпат одредени корекции. Но, тоа е интерно инициран процес, стои во демантот од Министерството за образование и наука.
Министерството за образование и наука, се вели во соопштението, го почитува принципот на инклузивност при креирањето на политиките и носењето на одлуките, така што ги уверуваме студентите дека ниту една одлука која го засега нивниот образовен процес нема да биде донесена без да бидат вклучени организациите кои ги застапуваат идните академски граѓани.
Некои од студенските движења во петокот информираа дека до нив стигнале информации дека двојно ќе се зголеми партиципацијата.
OhridNews