Министерот за образование и наука, Перо Стојановски денеска посети неколку училишта во Општина Охрид, каде како што најави ќе бидат изградени фискултурни сали кои се дел од владиниот проект „145 фискултурни сали“. Четири од нив ќе бидат изградени во ОУ „Ванчо Николески“ во с. Лескоец; ОУ „Кочо Рацин“ во Охрид; ОУТУ „Ванчо Питошески“ во Охрид и во ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“, најави министерот Стојаноски кој денеска беше во обиколка на овие училишта

Во училиштата: ОУ „Ванчо Николески“ во с. Лескоец; ОУ „Кочо Рацин“; ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ во Охрид ќе се гради фискултурна сала од Модел 1 од 650 м2, а во ОУТУ „Ванчо Питошески“ во Охрид ќе се гради фискултурна сала од 1300 м2, најави Стојаноски.

Тој кажа дека фискултурните сали ќе бидат целосно опремени за изведување на спортските активности, а покрај учениците нив ќе можат да ги користат и спортистите, спортските клубови и граѓаните кои сакаат да се занимаваат со спорт.


Перо Стојаноски

Проблем околу реализација на најавениот проект може да бидат нерешените имотно правни односи кои ги имаат и дел од училиштата во Охрид.

На подрачјето на државата во најголем дел од училиштата не беа решени имотно правните односи. Меѓутоа во изминатиов период од  две години, со залагање на Локалните самоуправи и на Министерството скоро во 80 отсто од општините се разрешени имотно-правните односи и немаме веќе никаков проблем за отпочнување на изградбата. Имаме неколку специфични оштини меѓу кои за жал и општина Охрид. Министерството за образование и Владата никогаш не правеле дискриминација во однос на тоа градоначалниците на која политичка опција и припаѓаат. Секогаш и во делот на инвестирањето и во делот на програмите и политиката на капиталните инвестиции, ни бил интересот на  нашите ученици. Токму од тие причини и во Охрид е идентификуван проблемот на недостаток на спортски објекти, од тие причини е предвидена и изградбата на четири фискултурни сали. Тие не се ниту на градоначалникот  ниту на министерот, тие се наменети за нашите деца, да креираме здрва младина која ќе биде ноесчеки столб на нашата држава, рече Стојановски.   

Министерот Стојановски најави и дека во училиштето „Ванчо Николески“ за оваа година се предвидени и средства за менување на кровната конструкција, а ќе бидат обезбедени и дополнителни средства за целсоно заменување на прозорците и вратите во училиштето.

Ohridnews