Во првиот рок за аплицирање на повикот за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк, кој траеше од 1 до 30 август, пристигнале 21.693 апликации, а прифатени се 18.149 соопшти Министерството за образование и наука. Повикот беше наменет за студентите од втора и повисоките години на студии. Апликациите се разгледани од надлежна комисија во МОН која одлучи за прифатените.
Субвенционираниот студентски оброк е системско решение уредено со закон за олеснување на животот на младите за време на студирањето. Девет месеци во годината студентите ќе добиваат по 2.400 денари наменети за купување здрави оброци.
На сите кандидати решението им е испратено на електронската адреса која ја имаат наведено при поднесување на апликацијата, а тоа може да се најде и во самата апликација на порталот https://e-uslugi.mon.gov.mk/ (во менито „мои апликации“) и да се преземе од таму, информира МОН, посочувајќи дека за дополнителни информации студентите може да се обратат на електронските адреси: [email protected]; [email protected] и [email protected]
Следниот рок за пријавување за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк ќе почне на 1 октомври и ќе трае до крајот на месецот, а се однесува на студентите од новата академска година и оние кои не успеајa да го остварат своето право додека траеше претходниот рок за аплицирање на повикот.
Начинот на аплицирање е дигитализиран, односно пријавувањето се спроведува исклучиво електронски преку порталот https://e-uslugi.mon.gov.mk/, со прикачување на само два документа – пријава и изјава за точност на податоци и наведување податоци за лична трансакциска сметка.
OhridNews