Зголемување на платите за 15 проценти од септември и да не се кратат платите за периодот додека траеше штрајкот, е епилогот од преговорите што Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) и Министерството за образование и наука (МОН) ги водеа во изминатите 20-тина дена со посредство на медијатор.
За време на вчерашната неколкучасовна средба во Министерството за образование и наука биле допрецизирани и колективните договори и договорено е во иднина при креирањето на Буџетот заеднички да се разговара со синдикатот.
Препораките на медијаторот ќе бидат разгледани од членството на СОНК по што во рок од 10 дена се очекува да биде потпишана спогодба меѓу синдикатот и МОН.
Сметам дека нашето членство ќе ги прифати овие препораки на помирувачот и дека ова ќе се претопи во спогодба која претходно мора да помине на орган на одлучување и Советот на СОНК ќе ме овласти да потпишам спогодба, изјави вчера претседателот на СОНК Јаким Неделков по состанокот.
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири вели дека во образованието ќе има повисоки плати, а и задоволен е што е најдено заедничко прифатливо решение согласно буџетските можности.
Освен порамнувањето што го имавме претходно со минималната плата, се договоривме за дополнително зголемување на платите за 15 проценти со исплата од септемвриската плата. Мислам дека ова е прифатливо за двете страни согласно буџетските можности во овие времиња кога функционирањето на државата и управувањето со буџетот е отежнато поради економската и здравствената криза, рече Шаќири по средбата.
Штрајкот во градинките и училиштата почна на 11 април со барање за зголемување на платите од 18,4 проценти. На Синдикатот му беше понудено зголемување на платите од 10 и 12 проценти, но ваквите предлози беа одбиени од страна на членството.
На 26 април штрајкот во градинките беше ставен во мирување со образложение дека тоа е направено во интерес на родителите и стопанството кое трпи поради неможноста кој да ги згрижи децата од предшколска возраст. На 28 април, штрајкот беше ставен во мирување откако Синдикатот доби известување од Министерството за труд и социјална политика дека МОН бара мирно решавање на работниот спор со посредство на медијатор.
По назначувањето на медијаторот од страна на Министерството за труд и социјална политика почна процесот на помирување меѓу СОНК и МОН кој на истекот на законски утврдениот рок од 20 дена вчера заврши со усогласување на ставовите на двете страни.
OhridNews