Едно момче на 12 години се изјаснило за виновно за хакирање на неколку владини сајтови во име на групата “Anonimus”. Сајбер нападите не биле политички мотивирани, а момчето потврдило дека ова кривично дело го извршило во замена за видео игри. Детето во четвртокот се појавило на судење во придружба на својот татко. Тоа признало дека упаднало на сајтовите на полицијата на Монтреал, институтот за јавно здравство на Квебек и во официјалниот сајт на Чилеанската влада, и дека во таа прилика ги блокирало пристапите до наведените сајтови. Блокадата траела два дена.
Според зборовите на адвокатот на детето, за него хакирањето претставувало само предизвик. Полицијата проценила дека момчето предизвикало штета од 60 илјади долари. Меѓутоа, деталниот извештај од причинетата штета ќе биде проследен до судот следниот месец кога ќе биде изречена пресудата. Малиот хакер, чие име не може да биде објавено, изјавил дека со хакирање се занимавал од својата деветта година и дека оттогаш упаднал на неколку сајтови и пристапил до информации кои припаѓале на администраторите и корисниците на тие интернет страници.