Засега нема официјална потврда ниту од едната, ниту од другата партија.
Според извори на Макфакс наводно разговорите ќе се водат на ниво на преговарачки тимови.
Неофицијално завчера на седницата на партиското раководство на ДУИ била формирана работната група која треба да ги води преговорите со ВМРО-ДПМНЕ, а ќе ја предводи актуелниот вице-премиер за спроведување на Рамковниот договор, Абдулаќим Адеми.
Дел од тимот треба да бидат и Изет Меџити, Муса Џафери, Ермира Мехмети и Фатмир Бесими.
Од ВМРО-ДПМНЕ нема никаква информација кои би биле членовите во нивниот преговарачки тим.
Целта на ДУИ при преговорите наводно освен претседателското место во Парламентот како една од трите клучни позиции во државата, ќе биде да добијат место во некои од институциите кои раководат со државните пари и оние кои се дел од правосудниот систем, безбедносните служби и инфраструктурата.
Неофицијално интегративците ќе побараат и писмена гаранција за брзо решавање на спорот со Грција и експресна евро-атланска интеграција на Македонија.
Не е исклучена можноста и ВМРО-ДПМНЕ да побара писмена гаранција од идниот партнер дека ќе ги прифати принципите на делување засновани единствено на Уставот и Рамковниот договор без можност за нивна неавтентична интерпретација. Според шпекулациите ова се однесува за сите прашања кои досега беа отворени, вклучувајќи ги и оние кои можеби се најчувствителни за Албанците.
Рокот за конституирањето на новиот персонален состав на законодавниот дом почна од 6 јуни.
На 25 или 26 јуни треба да се конституира новото собрание. До 5 или 6 јули, претседателот Ѓорге Иванов ќе треба да го додели мандатот за формирање на новата влада, а најдоцна до 26 јули да се избере новиот владин состав.
извор: „Макфакс“