Во земјава денеска е молк, пред утрешните седми претседателски избори. Молкот завршува на 24 април во 19 часот, кога се затвораат избирачките места. Годинава поради тоа што се одржуваат двојни избори, за време на молкот за претседателските избори, нема прекин на кампањата за парламентарните избори закажани за 8 мај.

Вообичаено денеска, на ден пред изборите, гласање за претседателските избори се спроведува за болните и изнемоштените, затворениците во Казнено-поправните домови и лицата во притвор, во старските домови и нашите државјани во странство.

Гласачко право во домашни услови ќе го остварат 172 болни и изнемоштени лица од Охрид. Во посебен извод од избирачкиот список за гласање се пријавени 27 лица од Охрид кои издржуваат затворска казна, седум лица во установи за вонсемејна грижа и тројца граѓани од Охрид во дипломатско – конзуларните претставништва. На територијата на Општина Дебрца утре ќе можат да гласаат 22 лица, додека 158 болни и изнемоштени лица се пријавиле да гласаат во домашни услови во Струга и струшко.

Гласањето за претседател почна со 191 член на избирачките одбори во саботата кои отпатуваа да го спрповедат гласањето во дијаспората. Во дипломатските претставништва и конзуларни канцеларии денеска од 7 до 19 часот по локално време, врз основа на прифатените 2.571 пријави на наши државјани, гласање треба да се спроведе во Абу Даби каде се пријавени 26 наши државјани за гласање, во Белград-31, Берлин-260, Берн – 186, Бон – 164, Брисел -93, Вашингтон-34, Венеција – 79, Виена – 123, Детроит-34, Загреб-87, Канбера-31, Копехаген-74, Лондон-87, Љубљана-332, Минхен-166, Мелбурн-64, Њујорк-85, Осло-41, Париз-44, Прага-52, Рим-30, Стокхолм-85, Торонто-117, Хаг-65, Чикаго-88, Анкара-18, Варшава-23, Мадрид-18, Пекинг-12 и Софија 22.

Другите наши граѓани кои живеат во странство, своето право на глас можат да го остварат во избирачките места во земјата, согласно адресата во личните документи.

Резултатите од денешното гласање ќе се знае утре, заедно со резултатите од гласањето во земјата.

Право на глас на седмите претседателски избори имаат 1.814.317 избирачи. Според податоците на ДИК на територијата на Општина Охрид во единствениот избирачки список регистрирани се 51 378 лица кои ќе гласаат на 87 избирачки места, во Дебрца 3 928 на 23 места, додека на територијата на Општина Струга регистрирани се 60 778 гласачи, кои ќе гласаат на 101 избирачко место.

Избирачките места се отвораат во 7 часот, а гласањето трае до 19 часот. Се гласа на 3480 избирачки места во целата земја.

OhridNews