Министерството за надворешни работи на Молдавија го повика рускиот амбасадор за да изрази „длабока загриженост“ поради изјавите на висок руски воен командант дека населението во земјата што зборува руски е угнетувано.

Овие изјави се неосновани и се во спротивност со ставот на Руската Федерација за поддршка на суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Молдавија, во нејзините меѓународно признаени граници. Молдавија е неутрална држава и овој принцип мора да го почитуваат сите меѓународни актери, објави молдавското МНР на својата веб-страница

Руските државни новински агенции вчера го цитираа Рустам Минекаев, заменик командант на рускиот централен воен округ, кој рекол дека Русија планира да ги стави Донбас и јужна Украина под целосна контрола за време на втората фаза од, како што ја нарекува, „специјалната воена операција“. Со тоа, рече тој, Русија ќе го подобри пристапот до прорускиот регион Придњестровје, кој граничи со Украина.

И украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека руската инвазија на неговата земја е само почеток и оти Москва има планови да заземе и други земји.

Тој рече дека коментарите на руската армија за потребата од создавање врска со Молдавија на украинскиот фронт, укажуваат на тоа дека Москва сака да изврши инвазија и на други земји.

OhridNews