Со изведба на хит комедијата „Аналфабет“, синоќа, Народниот театар Охрид го одбележа Светскиот ден на театарот. Исполнетото гледалиште кое со овации ја награди играта на Горан Стојаноски, Стрезо Стаматовски, Никола Тодороски и Адријана Билаловиќ Тодороска, е само уште една потврда дека Охрид ја сака и цени културата.


фото Емил Јовановиќ

Посетувајте ги претставите на Народниот театар Охрид и на другите театри, порача во своето обраќање директорто на Центарот за култура „Григор Прличев“ Стрезо Стаматовски“ на свеченоста по повод Светскиот ден на театарот. Но, театарот не е само култура на живеење туку и критичар и коректор на општеството, додаде Стаматовски.

-Театарот служи да ги размрда малку и естаблишментите. Затоа моја желба е, и би сакал да ги тргнеме валканите раце од театарот, но и политиката и партиите да ги тргнеме од театарот, барем ние кога тие веќе не можат од нас, затоа што театарот, како што вели Брехт, не е огледало коешто ја отсликува реалноста, туку напротив, треба да биде еден чекан којшто треба да ја обликува реалноста. – рече Стаматовски.

Од име на актерската екипа на Народниот театар Охрид, извадоци од меѓународните пораки на истакнати театарски работници од целиот свет прочита актерката Елизабета Стефановска.

Филип Кипровски ја прочита македонската порака која оваа година до светот ја испрати актерот Сашко Коцев. -Светскиот ден на театарот е одличен повод токму ние, театарските дејци, да ги симнеме маските ставени на нашите лица и да проговориме за вистината. Да се навратиме, да се потсетиме или да ги освестиме базичните мотиви кои нѐ натерале да се бавиме со оваа професија. – вели тој.

-Ако преку театарот, критикувајќи го опкружувањето, создаваме паралелен свет кој е поубав и похуман и воедно ни служи како средство за сопствена психоанализа и истовремено за себеисцелување, тогаш е крајно себично ние како дејци да заборавиме што е театарска критика. Освен новинарски осврт, веќе подолго време кај нас нема вистинска, писмена, вешта и искрена театарска критика, критика без никаква позадина. Што нѐ доведе до ова, кој тоа толку многу се плаши од критиката? Несигурните? Неталентираните? Само таа ќе нѐ натера да ја кренеме летвичката погоре, да изнудиме повеќе од себе. Критика која нема да ни дозволи да потклекнеме на барањата на публиката. Затоа, токму денес, на Светскиот ден на театарот, неопходно е сите да се запрашаме, имаме ли потреба да манипулираме со светоста на оваа професија кога таа има моќ да ни ја даде најнепроценливата овоземна илузија, смислата на нашето постоење! – се истакнува во пораката на македонските актери.

Светскиот ден на театарот беше одбележан со свечен коктел на кој присуствуваа почитувачи на културата, гости и помагатели на Народниот театар Охрид.

Фото галерија:


Oдбележан Светскиот ден на театарот во Охрид

OhridNews
фото: Емил Јовановиќ/OhridNews