Непојавување на хрватскиот стратег Лино Червар на подготовките од Металург и се уште не исплатените платни ја прелија чашата на играчите кои останаа во клубот покрај сите проблеми.
– Ништо не се променило во меѓувреме, статус кво е во клубот. Сега седиме дома и чекаме. Управата е на потег. Не почнавме да одиме на тренинзи, зошто и Лино Червар не е тука. Не знаеме ни дали ќе дојде воопшто. Не знам што ќе се случува, но не е добро, а в недела треба да играме натпревар. – вели за „Вест“, Наумче Мојсоски.
Една од клучните алки во успесите на Металург и покрај се има трпение и ќе му пружи шанса на клубот за стабилизирање.
– Секако дека Металург има предност, многу пари ни се должи. Сепак, наскоро треба да донесам одлука што понатаму. Понуди има, како од Европа, така и однадвор. Ќе го чекам Металург најдоцна уште наредната недела. – додаде Мојсоски.
Заминување по странските играчи по одличните настапи на Мундијалот најавија крилата Манаскови и Георгиевски, Миркуловски и Вугринец.
Мх.П.