Со погодокот на капитенот Наумче Мојсоски екипата на Металург славеше минимална победа над Ла Риоха 29-28 во шестата рунда од Лигата на Шампиони.
– Ние, како и публиката, сакавме по секоја цена да го добиеме овој меч. Игравме постојано во грч, доаѓавме во шанси, но ни паѓаа топки како на почетници. По петте порази во низа, некако го загубивме победничкиот менталитет. Нашата желба за триумф беше многу голема, за да заборавиме на проблемите кои се уште не се надминати, но јас се надевам дека на крајот ќе има сонце за клубот. Игравме за оваа феноменална публика, која изминатите години постојано е со нас. Македончето како секогаш да го избира потешкиот пат, па се надевам дека се ќе биде како што треба, зошто Металург заслужува да биде победнички клуб – рече Мојсоски.
За македонскиот првак ова е прва победа сезонава во ЛШ по петте порази во серија.
Мх.П.