Раководството на РК Металург ги продолжи договорите со Наумче Мојсовски и Филип Миркуловски. Репрезентативците на Македонија во Металург во Металург ќе останат и во наредните четири години.


„Чест ми е што сум тука и што го продолжив договорот до 2017 година. Задоволен сум најпрвин од сопственикот од кого добив голема поддршка, нашиот сопственик преферира да има македонски играчи во тимот. Со продолжувањето на договорите на поголемиот дел од ракометарите се покажува дека амбициите на клубот сеуште се големи и се надевам дека ќе продолжиме со успешни резултати“, рече најдобриот стрелец на Металург во Лигата на шампиони оваа сезона, Наумче Мојсовски.

„Дел сум од овој клуб веќе 10 години, сите успеси, сите трофеи, ги остваривме заедно. Започнавме пред години со една млада екипа, од година во година растевме, а оваа сезона стигнавме и до четвртфинале во Лигата на шампиони. Драго ми е што ја продолжив соработката на уште четири години, така што најверојатно тука ќе ја завршам кариерата“,
рече Филип Миркуловски.


Со продолжувањето на договорите на Мојсовски и Миркуловски, РК Металург и за следната сезона го задржа костурот на тимот, како што информира директорот на клубот, веќе се започнати преговори за продолжување на соработката со Батиновиќ и Додер, додека дополнително ќе се одлучува дали ќе започнат преговори со Давид Коражија, кој во вториот дел од сезоната дојде во клубот, како замена за повредениот Дејан Манасков.

Околу евентуалните засилувања тренерот на клубот Лино Червар истакна дека за тоа ќе се разговара по завршувањето на сезоната, според него најважно во моментов е да се одбрани шампионската титула.

Инаку, Червар искажа големо задоволство што Миркуловски и Мојсовски и во иднина ќе бидат дел од Металург.

„Еден клуб, ако нема цврсти темели, никогаш не може да биде доволно добар, а клупските икони се темелите на клубот“, рече тренерот на Металург Лино Червар.

“Макфакс“