Најдобриот ракометар на Металургл, Наумче Мојсоски ги разреши дилемите за неговата иднината. Тој по разговорите со челниците на клубот Металург рече дека продолжува со „пиратите“ во поход кон нови титули.

– Веќе нема никакви дилеми, и во следната сезона ќе го носам дресот на Металург. Точно е дека имаше интерес на неколку клубови за моите услуги, но Минчо Јорданов на последната средба јасно ми стави до знаење дека нема намера да даде зелено светло за мој трансфер. Тој директно ми кажа дека нема пари за кои би ме пуштил да одам во друг клуб, бидејќи целиот тим се гради околу мене уште од доаѓањето во Металург пред четири години. Тој додаде дека „проектот Металург“ не завршува, доколку тоа било случај би размислил да ми дозволи да заминам, но амбициите остануваат исти, максимално високи, па сите во клубот сериозно сметаат на мене. Искрено, ваквите комплименти од првиот човек на клубот ми годат, воедно тоа е човек што има сторено многу за мене во изминатиот период и токму поради тоа уште сега можам да соопштам дека останувам во Металург најмалку уште една година – рече за „Екипа.мк“, стружанецот во дресот на Металург.

По неговото останување управата на Металург има уште една задача и тоа да го задржи најдобриот голман во Европа за минатата сезона Дарко Станиќ.

Мх.П.