Шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини изјави дека целта на средбата со премиерите од Западниот Балкан е да ги охрабри да работат меѓусебно и да ја разгледа актуелната состојба во регионот, јавува „Макфакс“.
„Западниот Балкан е клучен регион за ЕУ пред се поради безбедноста, превенција на радикализацијата, област во која имаме добра соработка, поради менаџирањето на бегалците и границите. Јас често велам дека не треба да зборуваме за перспективата на овие земји за влез во Европа бидејќи тие се во Европа. Треба да зборуваме за перспективата за нивни влез во ЕУ и токму тоа е тема на денешната вечера“, рече таа.
„Ги поканив премиерите и мандатарот од шест земји од Балканот за да ја споделиме актуелната состојба во регионот и патот напред, како ЕУ да ги зајакне можностите и перспективите за добрососедски односи во регионот, како да се зајакне соработката помеѓу нив и со ЕУ и како да се зајакне трансформативната сила на ЕУ со цел да се развие инклузивно општество и владеење и жива економија. Мојата заложба и заложбата на комесарот Хан но и на тројцата претседатели – Туск, Јункер и Тајани – за тесна соработка со сите шест земји“, изјави Могерини на денешната прес конференција.
Според неа, намерата на Брисел е да ги собере лидерите од Западниот Балкан и да ги охрабри на заедничка работа за да се покаже дека можат самите да работат подобро и заедно со ЕУ.
„Ги видовме последните настани, некои тешкотии но и некои добри чекори па оттука добро е да се сретнеме и да ги споделиме, сите заедно, за чекорите што треба да се направат во иднина. Верувам дека ова е одлична можност за градење подобро регионално разбирање“, најави Могерини пред вечерашната средба за која не е фиксно кога ќе се случи бидејќи пред неа ќе има серија билатерални средби со лидерите, но генерално се очекува да биде во осум часот навечер.
Портпаролката на Могерини, Маја Коцијанчич не можеше да потврди дали на средбата со Доналд Трамп утре Могерини ќе го отвори и прашањето за руското мешање во Западниот Балкан, бидејќи според неа има многу важни прашања што ќе се најдат како тема. Зошто вечерата се случува токму истиот ден со посетата на Трамп според неа е резултат на фактот што два премиери од регионот веќе требало да бидат во Брисел поради самитот на НАТО , така што нивното и присуството на Могерини во Брисел го наметнало овој термин како избор. Македонскиот преставник, мандатарот Зоран Заев, во Брисел ќе дојде сам, придружуван само од пратеничката Мариела Маричиќ и неофицијално неговиот престој нема да го следи македонскиот амбасадор тука, jави дописничката на „Макфакс“ од Брисел.
OhridNews
извор: „Макфакс“