Во мај 2009 година Албанија заврши со првата фаза од изградбата на колекторот од Поградец до Св. Наум со што е опфатена една третина од езерскиот брег на албанска територија.


Оваа модерна пречистителна станица по целосната изградба треба да овозможи ефикасна заштита на Охридското Езеро. На тоа според експертите од Албанија упатуваат и  анализите на водата по пуштањето во употреба на пречистителната станица во Поградец, кои покажале  намалување на штетните материи за 15 пати во споредба со 2007 и 2008 година.


Експерти од институциите за контрола на квалитетот на водата од Македонија и Албанија вчера зедоа примероци од вода во подрачјето каде е изградена новата пречистителна станица во Поградец, како дел од кампањата за утврдување на причините за фекалното загадување на Охридското Езеро и изворите во неговиот слив. Такви анализи ќе се прават и на македонска територија, а резултатите од испитувањата ќе бидат познати за една недела, информираат од Билатералниот секретаријат за заштита на Охридското Езеро.



Според најавите наскоро ќе започне изградбата и на преостанатиот дел од колекторскиот систем на Охридското Езеро од албанска страна каде живеат околу 4500 жители. Со изградба на  колекторот од двете страни ќе се зголеми заштитата на Охридското Езеро кое во моментов апсорбира големи количини отпадни води кои не се третираат во пречистителните станици.

Г. Момироски