Недостатокот од современи јавни тоалети во централното градско подрачје и стариот дел на Охрид, охридската локална самоуправа и ова лето ќе го надополнува со поставување на мобилни тоалет кабини на неколку локации во градот.

За таа цел деновиве преку Електронскиот систем за јавни набавки беше објавен јавен оглас за изнајмување и сервисирање на 24 мобилни кабини за времетраење на летната туристичка сезона, во период од 1-ви јули до 28-ми август 2015 година. Проценетата вредност на оваа јавна набавка е околу 2.000 евра или 127.000 денари, а крајниот рок за поднесување на понудите е 29-ти јуни 2015-та година.

За дел од охридските туристички работници, поставувањето на мобилни јавни тоалети е лоша слика за Охрид како туристички центар.

– Мобилните јавни тоалети кои во текот на изминатите неколку години се поставуваат за време на летната сезона, многу ретко и во изолирани случаи  се користат од страна на туристите и гостите кои престојуваат во Охрид. Сметам дека добро би било на неколку локации во централнниот дел на градот да бидат изградени современи јавни тоалети кои ќе бидат соодветно одржувани и кои ќе можат да се користат од страна на гостите и туристите кои престојуваат во градот, како што е примерот со тоалетот кои се изгради во Манастирскиот комплекс „Свети Наум“, вели искусен туристички водич, кој секојдневно води групи на туристи низ Охрид.

Според него користењето на јавните тоалети може и да се наплатува, со што ќе се обезбеди нивно непречено одржување.

На недостатокот од јавни тоалети во Охрид реагираат и туристите, кои велат дека на градот му требаат јавни тоелети преку целата година, а не само во текот на сезоната.

-Во текот на месец мај бевме на еднодневна ескурзија во Охрид и при туристичкиот разглед на градот, дел од туристите кои беа во нашата група имаа потреба од тоалет, па мораа да одат на кафе во еден од угостителските локали за да можат да користат тоалет, вели Славица К. (45) од Тетово.

Инаку пред неколку години општина Охрид најави дека има во план да  изгради јавни тоалети на неколку места во градот. Како можни локации тогаш беа посочени просторот помеѓу Амамот и комплексот Летница, кај старото училиште „Св. Климент Охридски“, на Плаошник и на потегот помеѓу улиците „Самоилова“ и „ Коста Абраш“.

Е.М