Стоечки аплаузи, длабок поклон и силни, позитивни реакции предизвика премиерата на претставата на Народен театар Охрид „Каде е пиштолот“, што синоќа беше изведена на малата сцена на Центарот за култура „Григор Прличев“.
Претставата е работена по текст на современиот унгарскиот автор Габор Ѓоргеј, а режијата е на Дејана Николовска.
„Каде е пиштолот?“ е модерен сатиричен текст со силна егзистенцијалистичка позадина, создаден во седумдесеттите години од минатиот век, а исклучително актуелен и денес. Во својата срж текстот се занимава со човековата дуална природа, играјќи помеѓу позициите на репресор и потчинет низ петте ликови кои го носат дејствието.
Во претставата играат: Горан Стојаноски, Никола Тодороски, Адријана Билаловиќ Тодороска, Ивица Цонев и Стрезо Стаматовски, кои на одличен начин го донесоа делото на Ѓоршеј на сцената.
Со синоќешната претстава Народниот театар Охрид ја заокружува исклучително успешната година во која беа продуцирани три премиери: „Стаклена менажерија“, која беше изведена и на фестивалот „Охридско лето“, „Метод“ и „Каде е пиштолот“.
OhridNews