Фудбалската репрезентација на Македонија успешно ја помина генерлката пред почетокот на Европското првенство, победувајќи ја селекцијата на Казахстан на Националната арена „Тодор Проевски“ со убедливи 4-0, полувреме (1-0).

„Црвено жолтите“ одиграа фанстатичен натпревар, растурирајќи го ривалот во секој поглед. Избраниците на Игор Ангеловски започнаа фуриозно, а казахстанците едвај ги издржуваа нашите налети. Македонија отпорот на Казахстан го скрши во 35-та минута кога Елиф Елмас изнуди удар од белата точка, а прецизно стрелаше Езџан Алиоски. Во финишот од првиот дел Казахстан остана со 10 фудбалери откако Мужиков остро стартуваше над Кире Ристевски и заслужено доби црвен картон.

Македонија во второто полувреме го опседна голот на Казахстан. Во 57-та минута репрезентативците на Македонија го дуплираа водството. Пандев го проигра Костадинов кој несебично ја сврте топката до Тричкоски, кој ја погоди целта.

„Црвено жолтите“ и покрај позитивата од 2-0 продолжија со офанзивната игра. Во период од две минути нововлезените Милан Ристовски и Дарко Чурлинов постигнаа по еден погодок за конечните 4-0, што е добра најава за претстојните возбудувања на ЕВРО 2020.

Најважно е што е никој фудбалер не се повреди, а сите стискаме палци за Енис Барди, кој е во изолација поради позитивен тест на вирусот Ковид -19.

Европското првенство стартува на 11 јуни, а Македонија првиот меч го игра на 13 јуни, против селекцијата на Австрија.

OhridNews