Научници од повеќе европски земји спроведоа експеримент во кој успеаја „да исконтролираат“ молња, со помош на извонредно моќен ласер, објави „Вол Стрит Журнал“.

Д-р Орелиен Хуар од Лабораторијата за применета оптика во Париз, Франција, кој е еден од одговорните за проектот, смета дека овој ласер испушта 100 пати повеќе импулси во секунда од претходните обиди.

Громобрани се користат за безбедно насочување на удари од гром на земја уште од времето на американскиот иноватор Бенџамин Френклин, но нивниот краток домет (приближно ист радиус како и висината) и фиксниот дизајн ги прават неделотворни во заштита на поголеми површини. Сепак, оваа нова технологија би можела да ги замени во одредени ситуации. Европските научници успешно тестираа систем кој користи ласерски импулси на ниво на терават за да ги насочи молњите кон громобран висок осум метри. Громобранот не е ограничен со својата физичка висина и може да покрие поголема површина – во случајов 180 метри.

Дизајнот ги јонизира молекулите на азот и кислород, ослободувајќи електрони и создавајќи плазма што спроведува електрична енергија. Бидејќи ласерот многу брзо испушта 1.000 импулси во секунда, многу е поголема веројатноста да пресретне молња уште додека таа се појавува. Во тестот спроведен меѓу јуни и септември 2021 година, зракот следеше гром и го прекина речиси 60 метри пред да удри во шипката на громобран.

Истражувачите со години ги истражуваат ласерите за молњи, меѓутоа експериментите обично се ограничени на многу пократки растојанија и релативно побавни импулси коишто честопати ги пропуштаат молњите додека се во својот зародиш.

Може да мине долго време пред овој изум да се користи вон лабораторија. Според Матео Клеричи од Универзитетот во Глазгов, ласерот користен во експериментот чини околу 2,17 милијарди долари. Научниците, исто така, планираат значително да го прошират опсегот до точка каде што громобран од 10 метри ќе има ефективно покривање во радиус од 500 метри.

Доколку научниците успеат во тоа, оваа технологија би можела да ја направи заштитата од громови остварлива на поголеми површини.

Ова би било особено корисно, на пример за ракетите и местата на полетување, каде што ударите на гром предизвикуваат одложување на мисијата доколку се премногу блиску до патеката на летот. Тие исто така би можеле да бидат полезни и во заштитата на аеродромите, електраните, шумите и другите големи области каде ударот може да се покаже како катастрофален.

OhridNews