Министерството за надворешни работи им препорачува на македонските граѓани да не патуваат за Грција, освен ако тоа е неопходно. МНР предупредува дека во Грција во моментот е нарушена безбедносната состојба поради големите немири и дека со тоа се доведува во прашање сигурноста и на посетителите.

„Во последните неколку месеци, Република Грција беше зафатена од бран на внатрешни немири, насилни протести и вооружени инциденти, со што беше загрозена приватната сопственост и личната безбедност на многу лица. Ваквите инциденти, кои за жал сеуште не се ставени под контрола, особено се случуваат во поголемите градови, како Атина, Солун и други, преку напади со молотови-коктели на авто-салони и банки, напади кон полициски патроли и странски претставништва, завземање на универзитетските центри од страна на анархистички групи, закана со подметнување на бомби во црковни објекти и протести на главните улици и плоштадите кои не ретко добиваат и насилни димензии. Дополнително, во последните неколку месеци десетици македонски граѓани, особено авто-превозници, ги известиле надлежните македонски органи за проблеми поврзани со оштетување на нивните возила при нивниот престој или премин преку територијата на Република Грција“, се вели во соопштението на МНР.

Ohridnews