Досега нема информации за повредени македонски државјани во терористичкиот напад што се случи во вторник вечерта, на аеродромот „Ататурк“ во Истанбул, а повеќе информации се очекуваат во текот на денот, информираат македонското Министерството за надворешни работи, пренесува „Макфакс“.
Од Министерството велат дека се во постојана комуникација со македонската амбасада во Анкара и со конзулатот во Истанбул, а редовна комуникација имаат и со турските власти.
Авионот што синоќа полета од Скопје за Истанбул со авиокомпанијата „Туркиш ерлајнс“ со одредено задоцнување слетал на аеродромот „Ататурк“ половина час пред полноќ. Денешниот претпладневен лет од Скопје за Истанбул со авиокомпанијата „Туркиш ерлајнс“ е предвидено да се реализира со доцнење од околу час и половина, додека вечерниот лет е откажан.
Турската национална авиокомпанија „Туркиш ерлајнс“ ги прекина времено летовите, откако напаѓачи-самоубијци од Исламска држава убија 36 лица на аеродромот во Истанбул доцна синоќа.
Националниот авиопревозник соопшти дека сите резервации за летовите од и до аеродромот „Ататурк“ во Истанбул меѓу 28-ми јуни и 5-ти јули 2016 година ќе бидат презакажани или патниците можат да си ги побараат парите за билетите назад доколку сакаат до 31-ти јули.
Најмалку 41 лице загинаа, а над 230 се повредени во тројниот самоубиствен напад што се случи на истанбулскиот аеродром Ататурк.
Турскиот премиер Бинали Јилдирим нагласи дека првите знаци укажуваат дека станува збор за напад извршен од ткн. Исламска држава.
Напаѓачите почнале синоќа околу 22 часот да пукаат на влезот од меѓународниот терминал на аеродромот во Истанбул и подоцна се разнеле со експлозив што го носеле на себе, соопштија турските власти.
Аеродоромот „Ататурк“ во Истанбул годишно го користат повеќе од 60 милиони патници.
OhridNews
извор: „Макфакс“