Во врска со ураганот Ирма кој ги зафати Карибите и брегот на САД,  од министерството за надворешни работи информираат дека досега до Амбасадата на Република Македонија во Вашингтон не се обратиле за помош македонски државјани.

– Воедно, во комуникација сме и со Канцеларијата на странски мисии во Вашингтон и до денес немаме добиено информација за пријавени македонски државјани од погодените подрачја. Од социјалните мрежи дознавме дека има македонски државјанин на островот Ст. Мартин. Иако островот територијално припаѓа под јурисдикција на Франција и Кралството Холандија, поради географската близина сепак пробавме да стапиме во контакт уште во текот на вчерашниот ден (преку социјалните мрежи) но се уште немаме добиено одговор. Телефонските броеви за контакт со македонската амбасада во Вашингтон на кои може да се обратат македонските граѓани во секое време се: 202-390-7418 и 202-667-0501, велат од министерството.

Ураганот се очекува во недела да ја погоди Флорида. Гувернерот на Флорида, Рик Скот изјави дека сите жители на Флорида мора да се подготват за итна евакуација.
„Немојте да ги игнорирате повиците за евакуација. Запомнете, ние можеме да ја обновите вашата куќа, но не можеме да го вратиме вашиот живот. Сите жители на Флорида би требало да се подготват за итна евакуација“, изјави Скот на прес-конференција.

Флорида има над 20 милиони жители. Во овој момент, повеќе од милион лица се опфатени со наредбата за итна евакуација во соседната Џорџија.