Министерството за надворешни работи на Република Македонија на својата веб страница објави соопштение во кое се објаснува дека Македонија е безбедна земја за патување.

-Ги информираме граѓаните, туристичките организации и тур-операторите дека политичката состојба во Република Македонија е стабилна, а безбедноста на сите граѓани и посетители гарантирана. Сите тековни настани што се случуваат во Република Македонија се одвиваат непречено, во постојан мир и не се закана за дестабилизација на општеството, како во национални, така и во регионални и глобални рамки. Вооружениот напад од страна на терористичка групација во Куманово е завршен. Тоа претставуваше изолиран случај, без никакви импликации врз останатиот дел од државата и пошироко. Состојбата е нормализирана, а терористичката група е целосно елиминирана, се објаснува во соопштението.

Во него се нагласува дека само во периодот од 15-ти до 17-ти мај 2015 година, Република Македонија била посетена од туристи од земјите на Бенелукс, Данска, Австрија, Турција, Полска, Кина, како и од гости од соседните земји, пред сè, од Бугарија, Албанија и од Грција.

-Оттука, Министерство за надворешни работи  на Република Македонија ве уверува дека сите државни институции од областа на туризмот, заедно со туристичките стопанственици се добро организирани и целосно подготвени за претстојната туристичка сезона во Република Македонија, овозможувајќи непречено одвивање на сите активности поврзани со туристичкиот потенцијал во земјата, стои во соопштението.

Во него се упатува покана до странските туристи да ја посетат Македонија и да ги искусат нејзините обичаи, традиција, гостопримство и да уживаат во природните убавини. 

OhridNews