Над половина од македонските граѓани немаат доверба во ниту еден од политичарите, покажува анкетата спроведена од страна на Институтот за демократија, пренесува „Макфакс“.

На прашањето „Во кој политичар имате најмногу доверба?“, 52,7 отсто одговориле дека немаат доверба во ниту еден политичар, 20,1 отсто веруваат во премиерот Никола Груевски, а зад него е претседателот на СДСМ, Бранко Црвенковски со 9,2 отсто. Во лидерот на ДУИ Али Ахмети доверба имаат 6,6 отсто од граѓаните, во Имер Селмани 2,5 отсто и во Мендух Тачи 1,9 отсто. Во сите други доверба имаат седум отсто од граѓаните.

Слични резултати има и во однос на рејтингот на партиите. На прашањето „Доколку утре се одржат парламентарни избори за која партија би гласале вие?

Дури 55,1 отсто од граѓаните не се определиле за ниту една партија, 20,1 отсто за ВМРО-ДПМНЕ, 10,3 отсто за СДСМ, 6,8 отсто за ДУИ, 2,7 отсто за ДПА и 1,5 отсто за Нова Демократија. Останатите партии, уживаат доверба од  само  3,5 отсто.

Анкетата на Институтот за демократија регистрира висока поддршка за влез на земјата во Европската Унија. На прашањето „Доколку утре има референдум за влез на Македонија во ЕУ како би гласале вие?“, 77,9 отсто одговориле со За, 8,5 отсто против, додека 6,4 отсто воопшто не би гласале на евентуален референдум. Без одговор на ова прашање се 7,2 отсто од граѓаните.

Анкетата е спроведена телефонски на репрезентативен примерок од 1.112 испитаници.

OhridNews
извор: „Макфакс“