Мнозинството граѓани перцепираат стагнација во ЕУ интеграцијата во споредба со март 2014 година. Намалена е перцепцијата дека Македонија напреднала во процесот на ЕУ интеграција, а зголемен е процентот на испитаници кои сметаат дека воопшто не напреднала или се случило назадување, се вели во извештајот за спроведено теренско истражување на јавното мислење за ЕУ интеграцијата на Македонија од страна на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ Скопје, реализиран во рамки на проектот „Граѓанска мрежа за спречување на конфликт на интереси во јавната администрација“. Доколку во 2014 најголем дел од испитаниците сметале дека Македонија донекаде напреднала, во 2015 година најголем број испитаници сметаат дека Македонија малку или воoпшто не напреднала (вкупно 57,3%), се баведува во истражувањето. 

Поддршката за членство на Македонија во ЕУ е сеуште голема и непроменета во споредба со март 2014. Сепак, факторот „промена на името“ на државата кај значителен дел од граѓаните е влијателен при нивната поддршка за ЕУ интеграцискиот процес. Мнозинство граѓани поддржуваат влез во ЕУ без отстапки за името на државата (58,8%), додека близу една четвртина поддржуваат влез дури и со отстапки за името (23,8%). Мало малцинство воопшто не го поддржува членството на Македонија во ЕУ (13,6%).

Постои значителна разлика во споредба со 2014 околу перцепцијата за подготвеноста на Македонија за членство во ЕУ. Додека минатата година граѓаните беа скоро поделени по ова прашање, во 2015 мнозинство граѓани сметаат дека Македонија не е подготвена за членство во ЕУ (57,2%). Овој став е најраспространет кај младите помеѓу 18 и 29 години.

Во споредба со 2014 година, оваа година се бележи раст на мислењето дека главната причина зошто Македонија сеуште не е дел од ЕУ е неостварувањето на домашните реформи. Додека во 2014 такво мислење имале 27,1% од граѓаните, сега истото мислење го делат 32,1%. Од друга страна, меѓу 2014 и 2015 се бележи мал пад на мислењето дека главната причина за тоа што Македонија сеуште не е дел од ЕУ се соседните држави. Во март 2015, 43,8% од испитаниците сметаат дека главната причина се соседите. Ова мислење е сеуште најраспространето меѓу граѓаните.

Најголем дел од етничките Македонци сметаат дека главната причина за тоа што Македонија не е дел од ЕУ се соседите (46,1%), а истото го мислат и 37,2% од етничките Албанци. Мнозинство Албанци сметаат дека главната причина е неостварувањето на домашните реформи (50,3%), а истото го мисли и нешто повеќе од една четвртина од испитаниците Македонци (26,7%), се вели во извештајот на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“.

„Граѓанска мрежа за спречување на конфликт на интереси во јавната администрација“ е проект спроведуван од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ Скопје (ИДСЦС), Институтот за економски стратегии и меѓународни односи „Охрид“ (ОИ) и Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Проектот е финансиран од Европската Унија. 

OhridNews