Најавената милионска инвестиција за изградба на елитен хотел кај каналот Студенчишта е доведена во прашање откако Министерството за транспорт и врски ја оспори иницијативата на охридската градежна компанија “Трудбеник“ и на македонскиот бизнисмен од САД, Спиро Трајчески,  поради нерешени имотно правни односи.


“Окото на Охрид“ како што го нарекуваат хотелот инвеститорите, ќе се протега на површина од 15.000 метри кваддратни и ќе има капацитет од 500 гости. Планирано е да се гради две години, а вкупната вредност на инвестицијата се проценува на 33 милиони долари. Инвеститорите тврдат дека просторот на кој треба да се гради хотелот, е во сопственост на  фирмата “Трудбеник“, од каде најавуваат дека  дека  во регуларна законска постапка ќе ги разрешат имотно правните односи со државата.

Трудбеник каде што постои има утврдена маркичка за градба, изјави Ацо Спироски, сопственик на “Трудбеник“, на неодамнешната  промоција на проектот.

– Право на купување на земјиштето единствено има “Трудбеник“ затоа што има трајна локација на тој простор за дел од површината, има трајно корисничко право што дава можност по законски утврдената цена да го докупи преостанатото земјиште заради дооформување на локацијата, рече Спироски.

Наспроти ставот на Спироски, од Министерството за транспорт и врски велат дека  локацијата на која се планира изградба на елитен  хотел кај Билјанини извори е државен имот:

“Ве информираме дека локацијата наменета за изградба на хотел кај Билјанини извори е целосно во сопственост на Република Македонија и на истата нема постапки за денационализација. „Трудбеник“ на локацијата има поставено времени објекти за кои е побарано од Општина Охрид да ги отстрани. Министерството за транспорт и врски оваа локација ќе ја објави за отуѓување по пат на јавно наддавање со цел да се изгради високомодерен објект од страна на реномиран инвеститор“, стои во информацијата на Министерството за транспорт и врски.

Дилеми околку сопственоста на земјиштето има и во  локалната самоуправа. Градоначалникот Александар Петрески, вели дека  сеуште до крај не се регулирани односите околу сопственоста над земјиштето, поради што може да се изјалови најавената инвестиција.

– Не е важно кој ќе инвестира, туку да дојде инвестицијата, а најавата дека тоа ќе биде наш човек од Америка посебно ме радува. Јас сакам да направам услови што побрзо да дојде инвестицијата. Дали тоа ќе биде “Трудбеник“ или колку што знам во исто време Министерството за транспорт и врски има распишано меѓународен тендер за земјиштето, за мене е небитно, но дека се нејасни работите се нејасни, вели Петрески.

Според него проблемот кој се наметнува со сопственоста на земјиштето кај каналот Студенчишта уште еднаш потврдува дека со градежното земјиште  треба да располагаат општините, а не државата.

– Сопственик на земјиштетот во Охрид треба да биде општината за да не доаѓа до вакви работи. Ние сега можеме да се доведеме во ситуација да имаме инвеститор, а да не може да се реализира инвестицијата, истакнува Петрески. Тој посочи дека општината ја поддржува и иницијативата на Министерството за транспорт што го дава земјиштето за изградба на хотел, како и иницијативата на „Трудбеник“ кој носи инвеститор. Чие е тоа земјиште не можам да навлегувам затоа што тоа не е во домен на општината, туку тоа е во надлежност на Владата, додаде Петрески.


Ќе прогледа ли окото на Охрид?

Општината се надева дека брзо ќе бидат разрешени имотно правните односи кои ја оптоваруваат изградбата на елитниот хотел кај каналот Студенчишта и дека ќе се реализира најавената инвестиција, што на градот само од комуналии ќе му донесе прилив од 6 милиони долари.

Г. Момироски