Дете помало од пет години ќе може да се вози во автомобил на задното седиште исклучиво на специјално детско седиште, задолжително врзано со сигурносен појас. Ова е само една од новините во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, кој е во собраниска процедура, обајви „Вест“. На совозачкото седиште ќе можете да возите и бебе, односно дете помало од две години, под услов ако возилото нема заштитно воздушно перниче, ако воздушното заштитно перниче е исклучено и ако детето се превезува во посебно детско седиште поставено спротивно од правецот на движење на возилото.

Во истиот член 164 од Предлог-законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, изрично се забранува да возите до вас пијан или дрогиран совозач. Казната за превоз на дете без специјално детско седиште и за пијан или дрогиран совозач е 35 евра. Со измените се регулира попрецизно и превозот на животни и на миленичиња во автомобил. Животни ќе може да се превезуваат само во посебно изработени заштитни кутии, како мерка заради поголема безбедност во сообраќајот на патиштата.

Весникот пишува дека со измените, со кои се врши усогласување со европската регулатива, се укинува обврската цело време да ви бидат запалени светлата на автомобилот додека возите.

“Предложениот закон предвидува поинакво решение, со кое се утврдува задолжителна употреба на запалени светла само во периодот од првиот самрак до целосно разденување (ноќе), како и дење, но во случај на намалена видливост”, стои во текстот.

И за неконтролираното стискање на т.н. сирени и нервозно свирење по пешаци и други автомобили се воведуваат казни за возачите. Со измените, ноќе возачите ќе мора звучниот предупредувачки сигнал да го заменат со светлосен, освен кога се работи за пешаци слепи лица.

Полицаец ќе може да задржи пијан возач на трезнење во полициска станица или во некоја медицинска установа најмногу 12 часа. Должен е да викне шлеп-служба да му го отшлепа возилото од патот. Трошоците ќе бидат на товар на пијаниот.

За првпат сообраќајните знаци за известување ќе бидат напишани и на француски јазик покрај на македонски, на англиски и на одредени места и на албански јазик. Со измените се предвидува комплетна еднообразба на сообраќајните знаци на територијата на Македонија.

Извршено е дополнување на семафорите. Освен со тробојните светла со црвена, жолта и зелена боја, тие по изгласувањето на законот, ќе треба да бидат опремени со звучни, но и со вибрациони уреди, за лицата со посебни потреби.

Големи измени и усогласување со европските стандарди Предлог-законот предвидува и за кандидати за возачи, автошколите, испитните центри, полагањето на стручен испит за вршење работи во автошкола и испитен центар и на испит за возач-инструктор, услови за добивање право на управување со возило, полагање на возачки испит на кандидат за возач, возачки дозволи и здравствениот преглед на кандидат за возач и возач.

OhridNews

Извор: „Вест“