„Според првичните сознанија кои ги имаме, претходела вербална расправија. Осомничениот во полиција одлучи да се брани со молчење, не знам дали истиот се брани со молчење и пред истражниот судија, сепак судот е тој кој одлучува околу вината на осомничениот и судот е тој кој ги утврдува мотивите за делото“, рече Иво Котевски.
Котевски денеска рече дека истражниот судија бил повикан на лице место но според него, ниту истражен судија ниту заменик јавен обвинител не дошле за време на вршењето на увидот а исто така, информиран бил уште вечерта и Институтот за судска медицина, доколку процени да испратат нивни вешти лица на лице место.
„Сите институции кои беа повикани, ниту една не се одзва на поканата туку напротив, увидот и го препуштија на полицијата“, рече тој.
Самата министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска потврди дека службени лица останале со мртвото тело на Мартин, додека осомничениот исчезнал од настанот.
„Осомничениот заедно со полициските службеници Мартин го фатиле под рацете, го пренеле во непосредна близина во тревнатиот дел на паркингот пред Мепсо, каде му укажувале помош обидувајќи се да го реанимираат. Осомничениот заминал од местото и ги оставил полициските службеници да го обезбедуваат и да ја чекаат екипата на брзата помош, каде по нивно пристигнување од страна на доктор кај Мартин, констатирана е смрт“, изјави Јанкуловска во средата.
Колку е логично, еден осомничен кој голем број на сведоци го виделе дека претепал некого до смрт, да биде пуштен да си отиде од местото на злосторството, без изјава и без земање на лични податоци, го праша Макфакс, портпаролот на МВР, Иво Котевски на денешната прес конференција.
„До моментот до известувањето на Институтот за судска медицина, МВР немаше потврда околу причините за настанувањето на смртта. Кажавме и на првата прес конференција, единствено што имавме пријава во МВР, е дека случајот се води како „незнаена смрт“. Значи ниту едно лице, ниту еден медиум, не дојдоа да пријават во МВР и на полицијата да и помогнат при расветлувањето на полицијата“, одговори тој.
Полицајците според него не го пријавиле случајот, бидејќи според нивните искази, тие не го виделе чинот на тепањето.
На повторно прашање зошто на осомничениот кој го прскал Мартин со вода додека бил во бесознание, не му била земена изјава од службените лица и зошто бил пуштен да си оди, Котевски одговори:
„Значи ќе ви повторам. Поднесена е кривична пријава против осомничено лице за кое што откако бевме известени од судска медицина дека станува збор за насилна смрт, беше утврден идентитетот и истиот беше процесуиран од судот. Останатите според нивните искази, помогнаа, за разлика од сите други наводно заштитени сведоци, во идентификација на осомничениот бидејќи беа поврзани приказните од дел од лицата кои подоцна беа повикани или се јавуваа со дел од лицата кои биле присутни за време на укажувањето на помош. Но дел од тие лица кои учествуваат при укажување на помош, односно обидот да се реанимира момчето, тие според нивните искази велат дека не го виделе чинот на тепањето“.
Во меѓувреме протестите против насилството и полициската бруталност продолжуваат. Вчера најмалку 3.000 луѓе протестираа во Скопје, а протест имаше и во Битола. На социјалните мрежи најавени се протести и во други градови од внатрешноста. Народниот правобранител, Иџет Мемети исто така побара целосно расветлување на случајот.
извор: „Макфакс“