Многу емоции, голема тага, преголема почит кон колегата и пријател, прерано починатиот градоначалник Јован Стојаноски беа искажани на денес одржаната комеморативна седница во Факултетот за туризам и угостителство, каде Стојаноски беше долгогодишен професор, а еден период беше и дел од деканската управа на установата.

Со емотивни говори пред присутните членови на неговото семејство, колеги, пријатели, претставници од локалната самоуправа, се обратија деканот на ФТУ, проф. Д-р Цветко Андреески, Ректорот на битолскиот универзитет проф. Д-р Сашо Коруновски и Проф. Д-р Климе Попоски, Претседател на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија во осигурувањето на Република Македонија.

     Кога стана кандидат за градоначалник, Јован ја имаше поддршката од најголемиот број од студентите и вработените на ФТУ, на Јован не требаше да му го објаснуваме значењето на ФТУ за градот, тој тоа многу подобро го знаеше од нас. Беше наш гостин за сите прилики кои ги имавме. За 22 години работен стаж колку што имаше на факултетот, остави подлабока трага отколку некои други професори кои целиот работен век го поминале работејќи на факултетот. Знам дека е на место каде ќе добие заслужен мир во друштво на нашите поранешни починати колеги. Му благодарам што беше наш пријател, колега, другар и градоначалник. Ќе биде со нас засекогаш, рече во своето обраќање деканот на ФТУ, проф. Д-р Цветко Андреески.

Во име на студентите зборуваше Елена Ќосеска, која рече дека предавањата на професорот Стојаноски секогаш се очекувале со нетрпение, бидејќи биле интересни и специфични.

    – – Единствен бевте и со својот карактер и остроумност која ја носевте во себе и со која допиравте до нас-студентите. Она што како аманет ни го оставивте е немерливо, премногу е. Со вашиот личен пример ни покажавте и докажавте како треба да се бориме за вистината, како да се оди до крај во борбата но чесно, како да бидеме горди на своето потекло, како да се биде директен и искрен, а во исто време достоинствен и авторитативен. Чест ни е што бевме ваши студенти и ја имавме привилегијата да ги слушаме вашите предавања. Адио профа!, го заврши своето обраќање Ќосеска.

Ректорот на универзитетот, проф. Д-р Сашо Коруновски потенцира дека има толку многу спомени, а малку зборови, бидејќи во вакви прилики зборовите не можат да го пренесат она што сите денес го чувствуваат.

     – Тој не обединуваше во многу работи, не зближуваше и во време кога просторно и мисловно не бевме блиску, секогаш насмеан, ненаметлив, но со јасно изграден став за работите, секогаш спремен за дебата, со себе ја носеше потребната динамика и свежина во развојот на секоја институција. Како да се надомести нешто што било суштината на работата, загубата на човекот со кого се гордеевме и кажувавме дека е дел од нашиот факултет. Можеби единствениот начин е да се извадат на виделина благодетите и вредностите кои тој ни ги даваше, за да продолжи да живее неговата личност тука, рече ректорот Коруноски.

Со многу емоции се обрати и неговиот близок пријател и колега, професор д-р Климе Попоски, Претседател на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија во осигурувањето на Република Македонија.

     – Повод за овој собир е смртта на еден човек, но вистинскиот повод што се собравме во вториот дом на Јован е да прославиме еден успешен плоден и недовршен животен пат. Иако прерано завршен живот, сепак Јован успеа во реализацијата на најтешкиот предизвик на секој човек-да оформи и зачува една здрава фамилија за пример. Јован беше мојот постар брат, поминавме многу заеднички моменти, се смеевме, плачевме, се боревме и повторно се смеевме. Можам со часови да зборувам за Јован, но многумина од вас знаат за каков човек станува збор-најкомплетна личност што сум ја сретнал и која секогаш се грижеше за благосостојбата на другите, рече Попоски.

Кратко и емотивно беше обраќањето и на синот на Стојаноски, Димитар кој е студент на економскиот факултет во Белград и има уште еден испит до дипломирање, кој рече дека неговиот татко секогаш го учел да биде своја личност и самостојно да ги граби своите успеси, што е една и од причините што го одбрал факултетот во Белград.

Присутните со громогласен аплауз го наградија постигнатото на професор Јован Стојаноски, неговите успеси и придонеси за развој на Факултетот за туризам и угостителство, како што беше кажано-неговиот втор дом.

Т.К.