Владата на 34 седница одржана денеска ја разгледа и усвои Информацијата според која Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) позитивно одговори на барањето на нашата земја да ѝ биде одобрен Инструментот за брзо финансирање во висина од 175,2 милиони евра како помош за финансирањето на мерките за здравствена и макроекономска стабилизација и исполнување на потребите на билансот на плаќање кои произлегуваат од појавата на КОВИД-19.
Во таа насока, Владата го задолжи Министерството за финансии, во соработка со Народната банка на Република Северна Македонија да испратат писмо за намери до ММФ за реализација на овој аранжман.
Владата ја разгледа и усвои Уредбата за интервентна набавка на респираторни машини за време на вонредна состојба, со која се уредуваат условите и постапката за интервентна набавка на 200 респираторни машини заради спроведување на мерките за справување со коронавирус КОВИД-19 за време на траење на вонредната состојба, согласно спецификација уредена со Уредбата со законска сила.
За оваа набавка Министерството за здравство ќе објави јавен повик на својата веб страницата, кое ќе трае 72 часа од моментот на неговото објавување. Оценка на пристигнатите понуди ќе ја врши тричлена Комисија од редот на вработените административни службеници формирана од Министерството за здравство.
OhridNews