Фармерите не го бојкотираа работењето на охридската млечна индустрија „Лабрадор“, и покрај нивната најава преку јавните гласила дека ќе ја попречат работата на сите млекарници во државава со непредавање на млекото.
„Лабрадор“ вчера ја откупи потребната количина сирово млеко без проблеми и најнормално го продолжи производствено-технолошкиот процес, како и дистрибуцијата и продажбата на млечните производи, велат од млечната индустрија.
Сите сто и петнаесет фармери – кооперанти со кои соработува Лабрадор, вчера навреме го предадоа произведеното млеко при што ниту еден од нив немаше никаква посериозна забелешка, додаваат оттаму. И пред една седмица кога беше организиран предупредувачкиот штрајк, фармерите му го предадоа млекото на млекарницата „Лабрадор“.
„Единствениот млекопреработувачки капацитет во Охрид, „Лабрадор“, во досегашното 10-годишно работење нема задоцнето со исплатата за откупеното млеко ниту еден ден, а така ќе продолжи и натаму“, вели Славко Николоски од менаџерскиот тим на фирмата.Според него,кооперантите знаат колку литри млеко продале месечно.„Најмалку три пати месечно се врши проверка на квалитетот на млекото и според покажаните резултати, секој фармер знае по колкава цена му е платено откупеното млеко“, објаснува Николовски.
Фирмата „Лабрадор“ со последната исплата го плати млекото со послаб квалитет по 19 денари за еден литар, а она кое ги задоволи предвидените нормативи според важечкиот правилник, по 22 денари за литар.
А. Ристоска